Власта и опозицијата излегоа со дијаметрално спротивни реакции по проведувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева. Владиниот портпарол Муамет Хоџа денеска изјави дека одговорност за предметот „Рекет“ мора да има за секој инволвиран, повикувајќи на темелна и независна истрага за овој случај.

Хоџа наведе дека со денешното приведување на Катица Јанева се потврди оти пред правдата и законите буквално секој е еднаков и одговорен. Тој додаде дека владата нема да дозволи предметот „Рекет“ да се злоупотреби од страна на непријателите на евроатлантските интеграции на земјава.

Со речиси идентична изјава денеска излезе и портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

– Очекуваме истрагата да продолжи онаму каде што водат доказите, да ги покаже сите детали и никој да не биде поштеден, ниту амнестиран. Одговорност мора да понесат сите инволвирани – изјави портпаролот Костадинов.

Тој посочи дека владејачката СДСМ ги охрабрува надлежните институции да продолжат со длабинска и независна истрага за случајот „Рекет“.

Од опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ велат дека приведувањето на Катица Јанева требало да се случи уште првиот ден кога излегол на виделина случајот „Рекет“.

– Овој временски простор што го имаше од излегувањето на скандалот „Рекет“ – до денес поминаа повеќе од 40 дена – е простор во кој Катица Јанева имаше време да брише докази, да крие докази, да влијае врз сведоци – изјави портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ, Димче Арсовски.

За ВМРО – ДПМНЕ, Катица Јанева е „само една алка во синџирот на организираниот криминал и корупција преку случајот „Рекет““. од таму го оценуваат како скандалозно и смешно тврдењето на Јавното обвинителство дека двајцата осомничени земале 8 милиони евра, а обвинителката Јанева земала само предмети во вредност од 4.500 евра. Од опозициската партија повторија дека сметаат оти во актуелниот скандал се вмешани и политичари, кои ги нарекоа „Кики, Фрики, Шеки и Зоки Поки“.

И додека партиите се расправаат, од УЈП дојде информацијата дека од петок ќе го проверуваат работењето на фирмите „БМЈ медиа груп“, „Меѓународен сојуз“ и телевизијата „1 ТВ“ – сите поврзани со Бојан Јовановски – Боки 13. Од УЈП ќе отпочнат контрола кај фирмите по основ на сите даноци и придонеси, додека физичките лица од овие фирми ќе бидат контролирани по основ на персоналниот данок на доход.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше приведена денеска по налог на Обвинителството за организиран криминал, кое ја терети за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“. Обвинителството побара притвор за Катица Јанева, за што попладнево ќе одлучува судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд.