Спречен шверц на јагниња од Македонија во Албанија

Утврдено е дека станува збор за 63 јагниња кои не се идентификувани согласно Законот за идентификација и регистрација на животните, а транспортерот не поседувал и сертификати за здравствена состојба на животните

Фото: Photo by Kerin Gedge on Unsplash

Спречен бил нелегален извоз на 63 јагниња кои од Македонија требало да завршат во Албанија, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Во координирана акција со инспекторите од МВР, возилото со кое се транспортирале јагнињата било стопирано од полициски службеници во Струга и по спроведена контрола од инспекторите на АХВ, утврдено било дека станува збор за 63 јагниња кои не се идентификувани согласно Законот за идентификација и регистрација на животните. Транспортерот не поседувал ниту сертификати за здравствена состојба на животните.

„Согласно дадената изјава на транспортерот животните се со потекло од населено место во Прилеп“, велат од АХВ.

Согласно Законот за инспекциски надзор, јагнињата се одземени од лицето кое ги транспортирало и се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Против транспортерот ќе биде поднесена прекршочна санкција за движење на неидентификувани животни.