Извор на фотографија: Влада на РСМ

На денешната 73-та седница Владата одлучи да престане важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари, без публика, како и на другите препораки за запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите лица вклучени во натпреварите.

Се донесоа измени и дополнувања на повеќе протоколи и препораки, меѓу кои и Протоколот за редовна работа на уплатно-исплатни места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница (трета фаза), Протоколите за работа на хотелите и другите угостителски објекти за сместување и оние за работа на музеи, галерии и изложбени простори.

Исто така, се донесоа и Протоколи за спроведување на мерки за заштита од ковид-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на настани, за упис на ученици во јавните ученички домови во учебната 2020/2021 година, за работа на танцовите и балетските клубови, за вршење на меѓуградски превоз, како и Препораки и упатства за спречување на ширење на ковид-19, при влез на македонски и странски државјани во земјава.

Според усвоената информација од Акцискиот план за проектот „Бесплатна вакцинација против грип за ризични групи“ за сезоната 2020/2021, Владата одлучи, бројот на лицата кои ќе бидат опфатени со оваа бесплатна четиритипна вакцина против сезонски грип од 20.000 да се зголеми на 60.000 граѓани. Тоа ќе се однесува на следните ризични групи: возрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.