Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Спорниот закон за легализација на бесправно изградените објекти ќе се најде повторно пред пратениците на собраниската седница предвидена за 8 јуни. Откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша законот и истиот со забелешки го врати во Собранието на РСМ, парламентарниот спикер Талат Џафери тврди дека тој има обврска да го врати законот на дневен ред во трето читање во рок од 30 дена од неговото донесување.

Законот со кој се овозможува легализација на дивоградбите според деловничките правила нема да се разгледува пред надлежните комисии, туку оди директно на собраниска седница. Како што појасни Џафери, владата може да испрати дополнет предлог-закон, додека пратениците ќе можат да поднесат амандмани единствено за членовите од законот за кои биле усвоени амандмани во второто читање.

Собранието на РСМ ќе треба да го усвои законот со 61 глас „за“, а доколку го добие потребното мнозинство, тогаш претседателот Пендаровски ќе биде должен да го потпише указот за неговото стапување на сила.

Покрај тоа што претседателот Пендаровски имаше забелешки, новиот закон за легализација на дивоградбите наиде на жестоки реакции од професионалната фела, еколозите и граѓанските активисти.

Државната комисија за спречување корупција завчера организираше јавна дебата, на која повеќето експерти, еколози и граѓански активисти побараа значителни подобрувања на законот или негово повлекување од собраниска процедура.