Споредните улици и тротоарите останаа неисчистени од снегот


       
Скопје, 10 јануари, 2019 - 16:50 (META) 

Граѓаните негодуваат што на споредните улици во населбите низ општините не поминала никаква механизација, а и дека работници не го чистат снегот кој денеска цел ден паѓа во Скопје и во целата држава.

На главните сообраќајници во Скопје има остатоци од кашест снег, па движењето е отежнато, споредните улици воопшто не се исчистени, а многу снег има и на тротоарите. Но, освен локалните власти, граѓаните исто така се обврзани да ги исчистат влезовите пред куќите, зградите, пред дуќаните.

Во Извештајот за состојбата на патиштата до 13 часот на Центарот за управување со кризи се вели дека во Скопскиот регион не се проодни патните правци кон повисоките населени места на Скопска Црна Гора, односно селата Брест, Танушевци и Малино во општина Чучер Сандево, а тие села немаат и електрична енергија. Во општина Кисела Вода непрооден е патот од Теферич кон Сопиште.

Од друга страна пак, Град Скопје информираше дека денеска и вчера на сите улици во надлежност на градската управа биле фрлени 355 тони сол.

„Утрово сите булевари и улици кои се во надлежност на Градот Скопје се исчистени и истите се проодни“, тврдат од градот, појаснувајќи дека освен механизацијата за зимско чистење, се вршело и рачно чистење на тротоарите и улиците. За тоа се  ангажирани 80 работници од ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“. Паралелно со нив, екипи на ЈП „Водовод и канализација“ работат на терен на чистење на сливниците“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Граѓани на социјалните мрежи се шегуваат, изразуваат незадоволство од сработеното ( на централно и на локално ниво ) и постираат слики и видеа од проблемите со снегот.