Протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани. Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог. Секој предлог или сугестија од синдикатите се дискутира, се со цел да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните, велат од владата.
„Изминатата година и покрај катастрофалната состојба која ја наследивме од претходната Влада, заедно со синдикатите постигнавме договор за покачување на вработените во здравството и образованието, а ги покачивме и пензиите на над 300.000 пензионери линеарно. Претходната Влада при подготовка на Буџетот за 2024 година не предвидела средства за исплата на К-15 на вработените во администрацијата, при што со ребалансот на Буџетот оваа Влада истите ги предвиде и исплати К-15 на 84.000 вработени во вредност од 1 милијарда денари,“ пишува во соопштението.
Дополнително од владата посочија дека и покрај Економско-социјалниот совет како тело во коешто учествуваат УПОЗ и на коешто секогаш се дискутирало за сите предизвици, тие одбрале да протестираат.
„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор се со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните,“ стои во соопштението.