Четири или пет когенеративни централи од кои две во Скопје и една во Куманово се решенијата со кои Владата ќе бара спас од загадениот воздух. Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања информираше дека когенеративните централи за производство на електрична енергија и затоплување преку топловодно греење во зимските месеци ќе бидат нивен приоритет. Мицковски посочи дека за некои од нив засега има локации, но и дека нема ниту еден проект, ниту пак предвидени финансии.
„Во Скопје ако ја изградиме првата под услов да не бараме приватен партнер, бидејќи не сте оставиле ништо, тендерот најрано ќе се распише 2026 година, до тогаш треба да се сменат планови. Има локации со плански документации каде што се предвидени три, две во Скопје и една во Куманово, но само за проектирање треба најмалку година и половина. Затоа не ги гледате средствата во овој буџет“, рече Мицкоски на прашање од пратеничката Сања Лукаревска.
Тој потенцираше дека минатата власт не оставила ниту проекти, ниту пари за изградба на когенеративни централи, додека планот за чист воздух од 2018 година бил заборавен.
„Врз основа на сите анализи 60 отсто од ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките доаѓаат поради начинот на затоплување со дрва. Не се виновни граѓаните таков е стандардот, а алтернатива никој не им понудил“, изјави Мицкоски.
Во однос на депониите, Мицкоски потенцираше дека во моментот тече тендерот за депонијата во Свети Николе финансирана од ЕУ и отпочнат е процесот за депонијата во Новаци. Што се однесува до новите автобуси во Скопје, тој нагласи дека парите ги нема во овој буџет затоа што истите сега ќе се купат, а отплатата ќе почне во 2028 година.