Од компанијата „ДУНА“, која што ја изработи апликацијата за следење на гласовите и изборните резултати, тврдат дека нивната апликација функционира најнормално и била подготвувана повеќе од половина година, со низа технички специфичности кои ги немало досега и била изработена по барање на Државната изборна комисија (ДИК).

– Таа беспрекорно даваше резултати за излезноста на секои пет минути. Но, страницата на Државната Изборна Комисија, каде беше поставена нашата апликација, беше цел на хакерски напад. Ние успешно ја завршивме работата. Доколку не постоеше оваа апликација, тогаш резултатите ќе се броеја рачно – објаснува Александар Пајковски од „ДУНА“.

Тој вели дека нивната апликација е беспрекорна, но интернет страницата на ДИК била атакувана преку т.н. софтверски тероризам со сили од повеќе странски држави.

Државната изборна комисија ја извршила набавката на софтверот од „ДУНА“ со преговарање без објавување на оглас на 22 јуни. Конкурентската компанија „Ај воут“ била поканета за доставување понуда и доставиле понуда за софтверот, но биле одбиени од ДИК, по што поднеле жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде исто така биле одбиени.

Од „Ај воут“ уште вчера известија дека ДИК на парламентарните избори не го користи iVote Demokra системот за управување со изборни процеси и тие воопшто не се вклучени во процесот, а ги објавија и решенијата од Државната комисија за жалби по јавни набавки. Од „Ај воут“ информираат дека нивниот систем за управување со изборни процеси се користел од ДИК во периодот од 2006 до изборите во 2019 година.

„iVote Demokra има беспрекорно досие на изработени проекти поврзани со избори со испроцесирани преку 142 милиони гласачи во целиот свет, со референци, покрај ДИК, во САД, Велика Британија, Еквадор, Киргистан, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина“, потенцираат од „Ај воут“.