Споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето ноќеска е отстранет од пред Врховниот суд во центарот на Скопје. Тој исто така беше поставен ноќе, помеѓу 6 и 7 септември 2014 година, исто така без најава. Тогаш беа поставени уште четири други споменици, во пресрет на прославата на 8 Септември.
Споменикот на Андон Ќосето, кој од септември 2014 година се наоѓаше пред судовите е отстранет со налог од Градежниот инспекторат на Општина Центар по извршениот увид и утврдената фактичка состојба дека немало решение за негово поставување.
Споменикот е однесен во магацините на Металски завод Тито, а утрово на местото стои голиот бетонски постамент.
Инаку, споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето го донираше Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Покрај овој, ова Здружение се јавува како донатор на спомениците на генерал Михајло Апостолски, на Ѓорѓи Сугарев, на Никола Петров Русински и на Пере Тошев поставени во близина на Универзитетската библиотека, потоа на споменикот на Света Лидија, кој е поставен кај плоштадот Богородица и споменикот на Децата бегалци од Егејска Македонија, кај хотелот „Холидеј ин“.