Списанието за филм „Кинопис“ e достапно онлајн

По повод 30 годишнината од излегувањето на првиот број на „Кинопис“ – списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности – Кинотеката на својата веб-страница ги направи достапни за јавноста досегашните броеви на ова списание.

„Во овие 30 години во списанието, едноставно, не остана „негибнат“ ниту еден сегмент, ниту еден аспект од – и ниту еден пристап кон – филмската уметност, филмската историја и теорија, како и ниту еден момент во целосниот производен/продукциски процес на создавањето филм досега“ – пишува уредникот Петар Волнаровски, во својот воведен текст кон последниот (55-56), јубилеен двоброј на списанието.

Како што соопштуваат од Кинотеката, до крајот на април, достапни ќе бидат броевите од 25 до 54, а веќе до средината на мај ќе бидат поставени pdf верзии и на броевите од 18 до 24. „Кинопис“ излегува веќе три децении, при што Кинотеката соработува со најзначајните филмски критичари, есеисти, автори и историчари во земјата и странство.