„Спејс Екс“ ја најави првата целосно цивилна мисија во вселената

Dragon Crew
Вселенското летало Dragon Crew на компанијата „Спејс Екс“ / фото: Wikimedia Commons

Компанијата „Спејс Екс“ ја најави својата прва целосно комерцијална цивилна мисија во вселената која се очекува да се случи до крајот на 2021 година. Со неа е предвидено за првпат во вселената да биде лансирано комерцијално летало што не е во сопственост и нема да биде контролирано од ниту една влада.

Комерцијалниот лет е дел од добротворната мисија на Џеред Ајзекман, извршниот директор на компанијата „Shift4 Payments“, кој се обидува да собере средства наменети за Детската истражувачка болница „Сент Џуд“.

Мултимилионскиот лет наречен „Инспирација 4“ (Inspiration4) ќе биде управуван од страна на самиот Ајзекман, кој истовремено е обучен пилот овластен за комерцијални и воени авиони. Освен него, место во капсулата „Crew Dragon“ ќе има за уште тројца членови.

Сподер изјавите на Џеред Ајзекман и Илон Маск, извршниот директор на „Спејс Екс“, едно од местата ќе биде доделено на здравствен работник од првите борбени линии во детската болница, за кое веќе се откри дека станува збор за женско лице. Второто место ќе му припадне на еден од донаторите преку националната кампања со која се прави обид да се соберат 200 милиони долари за болницата. Ајзекмен соопшти дека тој самиот веќе донирал 100 милиони долари и се надева дека во наредниот период ќе се соберат барем уште толку. За да влезе во трката за место во цивилната вселенска мисија, секој од донаторите е потребно да донира најмалку 10 долари.

Последното, четврто место ќе го добие претприемач кој гради бизнис на платформата за е-трговија, Shift4SHop. Се очекува наскоро да биде соопштено кој сè ќе биде дел од „Инспирација 4“.

Четирите членови на екипажот се избрани така што ќе ги претставуваат четирите столбови на мисијата – лидерството, надежта, дарежливоста и просперитетот.

Мисијата ќе биде лансирана од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, а ќе се патува со ракетата Falcon 9 на компанијата „Спејс Екс“.

Сите четири членови на екипажот ќе поминат низ неколку медицински прегледи и ќе добијат специјална обука за вселенски летала и итни операции пред лансирањето на мисијата.

Elon Musk
Илон Маск / фото: Daniel Oberhaus на Wikimedia Commons

Ова е уште еден чекор напред кон развивањето на вселенскиот туризам. Илон Маск изјави дека тоа е важен напредок кон овозможувањето на пристап до вселената за секого и ја коментираше високата цена на чинење на мисијата.

„Работите нужно започнуваат навистина скапи бидејќи ова е нова технологија со низок степен на производство. Всушност, нам ни требаат луѓе кои се подготвени и се во можност првично да ги плаќаат високите цени, со цел ова, на долг рок, да стане прифатливо за секого“, изјави Маск за медиумите.

За разлика од мисијата која минатата недела беше објавена и со која четворица приватни астронаути ќе бидат пратени на осумдневно патување на Меѓународната вселенска станица, летот на „Спејс Екс“ и Ајзекман предвидува летање во ниската орбита на земјата.

После неколкудневно обиколување на земјината топка, се очекува капсулата „Crew Dragon“ со четворицата членови на екипаж да се врати на Земјата и да слета во Атлантскиот Океан во близина на Кејп Канаверал.

Овозможувањето на приватни цивилни вселенски мисии од страна на „Спејс Екс“ поаѓа од настојувањето на НАСА да го поттикне развојот на комерцијалните летала за превезување на астронаути од и до Меѓународната вселенска станица.

Во 2014 година, по низа натпревари, НАСА објави дека на компаниите „Боинг“ и „Спејс Екс“ ќе им бидат доделени 6,8 милијарди долари за развој на независни вселенски возила. За разлика од дотогашната пракса леталата да бидат градени според спецификациите на НАСА и да бидат во сопственост и управувани од владата на САД, „Боинг“ и „Спејс Екс“ ја задржаа сопственоста на новите комерцијални летала и двете компании можат слободно да лансираат невладини мисии во вселената.