Специјалните училишта за децата со попреченост ќе станат ресурсни центри до 2023 година

Фото: МОН

Образовните асистенти во учебната 2021/2022 ќе бидат финансирани од Буџетот и сместени формално во образовниот систем. Со носење на јасни упатства се овозможува трансформацијата на специјалните училишта во Ресурсни центри за поддршка на регуларните училишта да заврши навремено, до 2023 година. Исто така, на последната владина седница, по барање на МОН, е зголемен бројот на стипендии за да сите деца со попреченост. Ниедно дете кое ги исполнува условите нема повеќе да биде одбиено, информираат од Министерството за образование и наука.

„Специјалните училишта согласно Закон за основно образование треба до 2023 година да прераснат во Ресурсни центри коишто ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. Токму затоа, пред две недели донесовме правилник и упатство на кој начин треба да се одвива соработката меѓу регуларните училишта и специјалните училишта, понатаму Ресурсни центри, на кој начин и во која динамика. Полека се подготвуваат специјалните училишта за оваа трансформација, затоа што секое дете треба да биде изложено на максимално добра развојна средина, опкружено со различни од себе, за на тој начин се стимулира да ги прифати различните од себе“, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска, по денешната посета на ПОУ „Др. Златан Сремец“.

Освен ова, во повикот до општините за проекти кои ќе влезат во листата за инвестиции за наредната година, МОН како главен услов постави или објектот којшто треба да се реконструира да биде инклузивен и да има обезбедено пристап до сите простории или во самиот проект да биде предвидиена инвестиција за пристапност за да може да добие финансиска поддршка.

За зголемување на инклузивноста во образованието, МОН работи на две програми со Европската делегација. Со првата, 12 образовни објекти, по 4 од основно, средно и високо образование, ќе бидат реконструирани и ќе добијат пристапни рампи и пристапност до просториите, со средства од ЕУ. Исто така, доделени се и 287 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование, за прво и второ одделение, се со цел да се поддржат семејства и учениците со основните материјали коишто им се потребни.