fbpx

Спасовски: Владата создаде услови за пуч во МВР

-

Владата создаде услови за извршување пуч во МВР, изјави денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој истакна дека е оневозможен од страна на Владата да раководи со Министерството, „во овие исклучително тешки моменти за државата“ и да одговара за „последиците од ваквиот свесно креиран хаос во министерството“.

– Владата, од неразјаснети за мене причини, не ја испочитува мојата јасно изразена волја преку оставката што ја поднесов на 6 април 2016 година од функцијата министер за внатрешни работи и не ја достави до Собранието. Од друга страна, Владата двапати ги поништи решенијата и правилниците донесени од моја страна. Со тоа органот кој треба да биде чувар на Уставот и на законите во Република Македонија, со своите незаконски одлуки целосно го дерогираше правниот систем и направи целосен хаос во функционирањето на Министертвото за внатрешни работи – изјави Спасовски.

Според министерот за внатрешни работи, и покрај сите укажувања, предупредувања и наредби доставени до директорите на органите во МВР и до сите вработени во министерството, Владата со одлуката донесена ноќта пред распуштањето на Собранието го задала завршниот удар на правниот систем во Македонија и на нормалното функционирање на МВР.

– Замислете, Владата му забрани на министерот за внатрешни работи да потпишува документи, а со тоа и да раководи со органот. Не постои држава во светот каде што е позната ваква небулозна наредба издадена од највисокиот извршен орган на земјата – вели Спасовски, додавајќи дека освен што му е забрането да ги извршува своите надлежности како министер, Владата ги потикнала другите функционери во министерството да ги спроведат нејзините незаконски одлуки и да вршат кривични дела.

Спасовски тврди дека последните два дена директорите на Управата за безбедност и контраразузнавање и државниот секретар на МВР, надвор од законот, издавале усни наредби за одземање на канцелариите, менување на бравите, исклучување на службените картички на дел од вработените чии решенија Владата незаконски ги поништи.

– Со овој чин, фактички и директорот на УБК и државниот секретар, од своја страна ги потикнуваат вработените да извршуваат кривични дела, преку реализирање на овие оперативни задачи, за кои се одговара според Кривичниот законик. Според информациите што ги имам, државниот секретар ја презема улогата да раководи со МВР. Сигурно ви е јасно дека со тоа се создава безвластие и комплетен хаос во Министерството за внатрешни работи. Јас сум министер за внатрешни работи и не прифаќам никакви палијативни решенија и комбинации на заедничко раководење со министерството, па, според тоа, не прифаќам ни наметната одговорност за надлежности кои свесно ми се одземени – изјави Спасовски на денешната прес-конференција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...