Фото: Мета.мк

Коментирајќи го барањето на Комората за туризам и угостителство, дека ќе треба државна помош за дезинфицирање на угостителските објекти штом се отворат, техничкиот премиер Оливер Спасовски возврати со став дека од нив очекува метод за сузбивање на сивата економија во угостителството.

Попладнево во Штип Спасовски кажа дека во време на здравствено – економската криза бил присутен на настани поради барања од угоститетелите и од нив очекувал да кажат каков метод ќе применат за да ја сузбијат сивата економија.

Спасовски вели дека над 30-40 отсто од сивата економија е прометот во нивните објекти во изминатиот период.

– И мислам дека сè што побараа во овој период и одлуките кои што ги донесовме беа да им се помогне на угостителите, да ги зачуваме работните места, да се спремни да тргне напред економијата. Мислам дека вакви предлози покажуваат дека освен личниот интерес не гледаат ништо подалеку. Не го гледаат ниту на интересот на државата, ниту на зачувување на економијата. Така што, очекувам предлог од угостителите, како и на кој начин директно ќе ги врзиме софтверите на угостителските објекти со државата, за да нема сива економија во нивните објекти – изјави премиерот Спасовски.

Прашан за најавата од министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски за фонд за помош на медиумите, Спасовски се огради.

– Нема влезено во владина процедура никаков предлог и мислам дека не е добро ниту на ниво на претпоставки да разговараме. Треба да го видиме предлогот кој што ќе биде доставен и врз основа на тој предлог да разговараме и да видиме дали ќе има воопшто таков фонд, одговори премиерот Оливер Спасовски.

Тој остана на ставот на својата матична партија за брзи избори, но како што рече не по цена на здравјето на граѓаните. Очекува идната недела да биде определен датум за избори. Во однос на тоа како ќе се одвива изборната кампања, Спасовски рече дека се подготвува посебен протокол за политичките партии.