Премиерот Оливер Спасовски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние при што било изразено надеж дека преодната Влада ќе се фокусира на обезбедување фер и демократски избори, како и очекување дека ќе продолжат реформските процеси со активно темпо.

„Владата ќе работи динамично. Посветени сме да продолжи напредокот во сите можни сегменти. Нашата определба се функционални институции, активно вклучени во реформските процеси, во интерес на сите граѓани и на интеграциските процеси на државата. Покажавме дека договореното се почитува, преодната Влада беше формирана согласно политичкиот договор, како и законските и уставните услови, без никакви проблеми и ова е доказ дека нашиот политички и институционален систем функционира добро. Ќе продолжиме со политиките на дијалог што придонесуваат кон добра клима во државата. Општите и државните интереси мора да бидат во прв план кај сите политички субјекти. 2020 година е значајна година за граѓаните на нашата држава, поради остварувањето на полноправното членство во НАТО, но подеднакво важни за нас се и европските интеграции“, рече Спасовски.

На средбата како важно била посочено дека правдата треба да функционира и да нема застарување на случаи. Спасовски ја нагласил определбата за охрабрување на Судскиот совет и на другите надлежни институции да придонесат во функционален правосуден систем. На средбата била изразена согласност и дека Законот за јавно обвинителство е од голема важност во правосудните реформи.