На секој од нас му е јасно дека нашето живеење е целосно променето. Живееме во пандемија каква што не сме виделе. Се бориме со невилив непријател кој зема жртви огромен број. Вирусот не бира кого ќе нападне и никој не е заштитен ниту поштеден, рече пред малку премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција.

– Светот брои над 1,2 милиони заболени и 70 илјади мртви. Кај нас бројот на заболени ја надмина бројката од 550 граѓани. Ние воведувавме постепено мерки. Ќе има и други луѓе кои ќе ја изгубат битката. Овие информации се најмалку посакувани и е многу тешко да се кажат и да се примат. Тоа се тешки моменти за секого, но се неизбежни. Кога ова ќе заврши, светот и ние немаме одговор. Ги очекуваме најголемите предизвици допрва. Затоа, заканата е страшна, а нашето однесување мора да биде поразлично од сегашното. Владата на предлог на Комисијата за заразни болести, денеска донесовме нова одлука – забрана за движење на целата територија на државата. Се воведува полициски час – се забранува движење на ниво на цела територија секој ден од понеделник до петок од 16 до 05 часот наредниот ден. За време на викендот, забрането е движењето од петок од 16 до 05 часот во понеделник. За лицата над 67 години, забрането е движењето во текот на сите работни денови освен во периодот од 10 до 12 часот. Лицата до 18 години, смеат да се движат само во периодот од 13 до 15 часот. Се забрануваат собири на јавни места во групи поголеми од две лица, дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години – информира Спасовски.

Тој истакна дека целта на овие радикални мерки е заштита на јавното здравје.

– Годинава Велигден и Рамазан мора да ги поминаме дома. Оваа година верниците своите молитви ќе ги упатат од дома. Велигденските пораки за победа над смррта да ги упатиме од дома. Од дома, преку телефон, преку Интернет, од својот дом, а не собрани по роднини и по гости. Тоа нема да не направи послаби верници, напротив тоа ќе ни го зајакне духот, зашто ќе знаеме дека со тоа спасуваме живот – додаде премиерот Спасовски.