Хуманиот пристап кон луѓето што бегаат од војни мора да биде наш императив, но, истовремено, не може да постои компромис кога е во прашање безбедноста на граѓаните и на земјата, истакнал министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на отворањето на меѓународната конференција на тема „Миграции и прилив на бегалци во транзитните земји: безбедносни импликации“ што во организација на Институтот за геостратешки истражувања и за надворешна политика при Министерството за надворешни работи, како актуелен претседавач со Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), се одржува денеска и утре во Скопје.

Спасовски истакнал дека од еден милион бегалци што годинава влегле во Европа, речиси 620.000 минале низ територијата на Македонија.

„Пред помалку од еден месец, низ нашата земја транзитираа околу 9.000 мигранти дневно. Мигрантите на влез во земјава се регистрираа врз основа на документи подготвени од грчките служби, по изјава за нивното потекло, со нецелосни или неточни податоци, поради што не можеше да се потврди дали одредено лице транзитирало низ земјава“, рекол Спасовски, стои во соопштението на МВР.

Според министерот за внатрешни работи, ваквата состојба создала простор за можна инфилтрација на радикални поединци и групи, кои се движат заедно со мигрантите, како и опасност од трговија со луѓе, особено деца, поради што биле преземени засилени безбедносни мерки за справување со актуелната кризна состојба и со ризиците од тероризам.

„Актуелните безбедносни ризици сега можеби се мали, но оние потенцијалните, секако, ќе станат значителни доколку на соодветен начин не одговориме на овој бегалски и мигрантски бран“, рекол Спасовски.