Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција изјави дека МВР активно работи на пронаоѓање на Сашо Мијалков и негово ставање пред лицето на правдата, а сите моментални анализи и проценки укажувале дека Мијалков не ја напуштил државата. „Дејствата се во тек. Не знаеме каде е, според информациите кои ги добиваме, работиме интензивно на неговото пронаоѓање“, рече Спасовски, додавајќи дека за Мијалков има и централна и меѓународна потерница.
Тој нагласи дека не чувствува одговорност и не гледа причина зошто да поднесе оставка, затоа што се преземени сите потребни дејства што се во надлежност на МВР.
„Оставка значи дефанзива. Мојата оставка нема да го реши проблемот. Тоа ќе значи триумф на криминалот над системот. Жртва на криминалец, нема да бидам. Мора да се направи детална истрага и да се открие каде во системот се случил пропуст што озвоможил бегство на Мијалков. А, ако се откријат и лица, тие да сносат кривична одговорност“, рече Спасовски, додавајќи дека не е исклучено дека некој „крт“ во институциите го предупредил Мијалков за можна мерка притвор. Според него, има протекување на информации, затоа што сѐ уште има во институциите вработени од претходниот режим.
Во рамки на прес-конференцијата, одговарајќи на новинарско прашање, Спасовски посочи дека одреден обвинител уште во петокот информирал еден член од владата дека е можно Мијалков да побегне. Министерот за внатрешни работи, сепак, не откри ниту кој е обвинителот, ниту кој е членот на владата што добил ваква информација.
Полицијата последен пат Мијалков го видела во неделата попладне, според Спасосвки, кога со една жена и тројца мажи, слегле во подземната гаража на хотел Мериот. Трите возила го напуштиле хотелот, но не се знае точно дали во едно од возилата бил и Мијалков. Оттогаш му се губи трагата.
После „исчезнувањето“ на поранешниот директор на УБК, обвинет во случајот „Таргет-Тврдина“, вчера и денеска се повикуваат на информативен разговор лица блиски на Мијалков, за да се добијат дополнителни информации. Одземени се и телефони, компјутери и други документи.
Спасовски посочи дека, поради тоа што се знаело оти Мијалков има голем имот во земјава и надвор од неа, требало судот да му изрече навреме мерка притвор. На прашањето, зошто МВР чекаше еден ден за да ја започне потрагата по Мијалков, тој изјави дека МВР не носи одлуки, туку ги извршува судските наредби и на обвинителството.
Тој детално објасни дека обвинителката Вилма Русковска во саботата му соопштила дека има информации дека Мијалков се подготвува за бегство, на што тој ѝ побарал да испрати писмено известување до МВР. По добиеното известување е постапено и во 22:30 часот е издадена наредба за полициско делување на улици и на објекти за 24 часовен надзор. Во неделата околу 11 часот, биле издадени насоки да се ангажираат дополнителни служби низ Скопје, посебно на излезните и на влезните точки од градот. По подигањето од Основен суд Скопје 1 на решението за куќен притвор, почната е процедурата за доставување на Мијалков, а околу 21:30 часот е утврдено дека тој не е на ниту една од можните адреси.
Министерот Спасовски рече дека ги охрабрува ЈО, судот и сите други надлежни институции, да соработуваат и да дадат јасни одговори во врска со овој случај, затоа што ваквите ситуации, ја рушат довербата во системот.