fbpx

Спасовски: МВР заедно со инспекторите на терен ќе ги гони загадувачите

-

Полицијата заедно со инспекторите, најавија дека на терен ќе ги ловат загадувачите. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по координативниот состанок во владата со премиерот Зоран Заев, на кој покрај него присуствуваа и министерот за животна средина Насер Нуредини, министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и инспекторатите за животна средина и на локалната самоуправа, за, како што соопшти, подобрување на состојбите во однос на загадувањето.

Од Инспекторатот на Град Скопје повеќепати беше укажувано на проблемот со кој се соочуваат инспекторите кои на терен затекнале лица кои палат отпаден материјал, но бидејќи немаат надлежности да ги легитимираат тие лица или, пак, се работи за луѓе без соодветни лични исправи, честопати тие случаи останувале без соодветен институционален епилог.

Вчерашната итна координативна средба кај премиерот Заев дојде само неколку дена откако повеќе граѓански здруженија за заштита на животната средина упатија отворено писмо до премиерот и до претседателот на државата Стево Пендаровски во кое бараат МВР и Армијата да бидат вклучени во патролирањето и да организираат стражи за да бидат фатени оние кои палат шуми, стрништа или отпад.

„Се договоривме сите инспекторати да си ја завршат работата во рамките на своите надлежности и да ги исконтролират сите субјекти кои се потенцијални загадувачи, да ги координираат своите активности да формираат заеднички тимови во кои задолжително ќе има униформиран полицаец, секојдневно и континуирано во сите општини во државата, а целиот процес ќе се координира од канцеларијата на премиерот, каде ќе се поднесуваат секојдневни извештаи“, информираше Спасовски. Воедно, Спасовски призна пред новинарите дека додека долгорочните мерки како гасификацијата и субвенционирањето на инвертери дадат резултати, неопходно е моментално дејствување.

Министерот за внатрешни работи призна дека беше препознаена потребата во патролите кои досега ги правеа само инспекциите отсега да учествува и полицијата за да можат фатените сторители да бидат легитимирани. Спасовски, прашан дали полицијата ќе оди на дивите депонии каде сега е пали отпад, автомобилски гуми и кабли кои го загрозуваат здравјето на граѓаните одговори дека полицијата ги знае конкретните точки каде што се случуваат овие недозволени активности.

„Патролите ќе ги правиме заедно со инспекторатот бидејќи тие имаат надлежности за ова да покренат постапка и МВР ќе биде поддршка за соодветно да се заврши целата постапка“, рече министерот.

Спасовски најави дека со засилениот ангажман и инволвирањето и на полицијата во патролите во иднина ќе има и кривични пријави кои ги предвидуваат законите.

„Остварен е контакт и со јавниот обвинител со цел кривичните пријави да имаат ефект, неказнивоста е клучниот проблем“, рече Спасовски. Тој најави дека во рамките на краткорочните мерки на Влатата инспекциско-полициските патроли веднаш ќе почнат со контроли на сите субјекти со А и Б интегрирни еколошки дозволи и дека од граѓанските здруженија ќе бидат побарани конкретни предлози за други мерки против аерозагадувањето.

Прашан од новинарите дали е подготвен да се откаже и тој и сите министри од возењето со службени возила, а парите да се пренаменат за борбта против загадувањето, Спасовски со одговор: Ако тоа ќе направи воздухот да биде чист, јас и министрите сме подготвени од утре да одиме на работа со јавен превоз или пешки!

 

 

 

 

 

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Вечерва ќе се одржи промоција на винил компилацијата „Поп култура“ во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во рамките на платформата „Силата ЕУ Младите“. Изданието содржи песни од млади современи македонски поп...