fbpx

Спасовски до Дебарчани: Верувајте, прогласувањето на кризна состојба е најдоброто решение

-

Бидете уверени дека ова е најдоброто решение. Ова е решение кое најбргу ќе даде резултат. Ве молам, да не се создава поголема паника. Воспоставен е организиран систем кој ќе ги покрие сите аспекти, им порача техничкиот премиер Оливер Спасовски на жителите на Дебар и Центар Жупа каде од вчера е прогласена кризна состојба поради 11 регистрирани случаи на заболени со корона вирусот во овој регион. Вкупниот број на заболени со вирусот кои се регистрирани во земјава изнесува 13, од кои првата пациентка е веќе заздравена и ќе биде пуштена од болница. Денеска се тестираат уште шест лица од корона вирус, од кои четворица се од Дебар. Резултатите ќе бидат објавени подоцна во денот.

Спасовски на прес-конференцијата порача дека сите граѓани на државата во овие моменти се со мислите и срцата на граѓаните на Дебар и на Центар Жупа додавајќи дека се подготвени сите активности за обезбедување ефикасни мерки за справување со ситуацијата.

– Сите институции и нивните стручни припадници за организирање на сите акции се на терен. Првата ноќ помина мирно, без инциденти и движење на населението. Така е и денеска. Формиран е главен оператирвен штаб како стручно тело кое раководи со активностите, рече Спасовски.

Тој појасни дека активностите вклучуваат контрола и забавување на преносот на инфекцијата, заштита на здравјето на граѓаните и материјалните добра, зајакнување на државната граница, вклучување на институциите и обезбедување високо ниво на кординација.

Министерството за внатрешни работи (МВР) заедно со Министерството за здравство (МЗ) ќе ја спроведуваат забраната за излегување на населението, освен ако има луѓе во животозагрозувачка ситуација, со потврда издадена од МЗ. АРМ треба да го обезбеди режимот и контролата на кризното подрачје, а Дирекцијата за заштита и спасување да направи дезинфекција на зафатеното подрачје која е задолжителна на влезовите и излезитеи.

– Кризната состојба е прогласена за период од 30 дена. Ако има проценки дека треба нешто да се промени, ќе се носат нови одлуки. Во однос на движењето, во овие општини не работат рестораните и кафулињата, ништо не функционира. Производствените капацитети за снабдување со храна функционира. Дотурот на храна е организиран од институциите. Бензиските станици, болниците, банките, поштата ќе работат со скратено работно време – рече Спасовски.

Во меѓувреме, остануваат да важат сите забрани и препораки за сите физички и правни лица во државата. Спасовски рече дека е ова време кога треба да покажеме дека сме организирано општество и дека со постигнување на степен на најодговорно однесување на сите граѓани, ќе ја надминеме оваа состојба.

– Многу луѓе се групираат во паркови, на улици. Синоќа се случи, сите да отидат заедно на Водно, по што мораше полицијата да интервенира. Родителите да не дозволат во ваква кризна ситуација децата да бидат заедно во групи. Апелирам на голема свесност, да се почитуваат препораките – истакна Спасовски.

Тој исто така рече и дека утрово разговарал со лидерите на сите политички партии, кои го информирале дека се ставени во мораториум сите партиски активности.

– Тоа е добра порака, која произлезе и од лидерската средба. Мораториумот ќе трае до 22 март. Тоа кажува дека на сите ни еприоритет здравјето на граѓаните – додаде премиерот.

Повтори дека од вчера е на сила забраната за влез на странски државјани од сите високоризични земји.

– Имаме ограничување на пет гранични премини. Апелирам за висока свсет и на одговорност. Ако не мислиме секој на себе, тогаш може да пренесеме вирус на друг и да направиме широк ланец кој ќе предизвика несогледливи последици – рече Спасовски.

Прашан за економските мерки, Спасовски информира дека мерки се подготвуваат.

– Имаме на располагање пари во буџетот. Во моментот кога ќе се процени дека на одредена категорија стопанственици им треба помош, тоа ќе го направиме – рече тој.

Со синоќешните нови мерки, затворен е граничниот премин Џепиште – Требиште и граничниот премин Блато, а исто така е затворен и скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ – с. Маврово – Маврови Анови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...