Фото: Арбнора Мехмети

Грѓаните ги очекуваат изборните резултати и Државната изборна комисија е должна да излезе на прес-конференција и да ги соопшти, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

„Во периодот што претстои, граѓанската волја мора да биде час поскоро преточена во формирање на нови легитмни институции, пред сè функционално Собрание и нова Влада. Очекувам од ДИК да дадат придонес во тој процес, граѓаните ги очекуваат изборните резултати од изборите и ДИК е должна да излезе на прес-конференција и да ги соопшти“, рече Спасовски.

Тој упати честитки до сите граѓани, кои, како што рече тој, го сфатиле личниот дел од одговорноста и во услови на светска пандемија, излегле на гласање.

„Изборот е направен, насоката е потврдена, Република Северна Македонија продолжува по правиот пат по сигурна и европска иднина. Победник на вчерашните избори е секој гласач, секој учесник во изборниот процес и пред се и над се победник е Република Северна Македонија“, истакна премиерот.

Тој рече дека овие избори ќе останат во демократската меморија на нашата земја, преку кои што, како што рече тој, народот покажал како се сака својата земја и како се чуваат постигнувањата.

„Овие кристално чисти и фер и демократски избори се уште еден доказ дека кога има демократска политичка определба и кога има демократска организација, има и чисти демократски резултати одраз на слободно изразената волја“ додаде Спасовски.

Премиерот потенцираше дека здравствено-безбедносните, мирни, фер и демократски, слободни и европски избори, како што ги опиша, се реалност и заеднички успех на сите нас.

„Да бидеме горди на вчерашниот фер и демократски изборен ден на кој што победи волјата на народот“, заврши Спасовски.