Премиерот Оливер Спасовски апелираше до работниците да не потпишуваат спогодби за отпуштање од работа за време на кризата со корона вирусот, бидејќи од една страна ги штити Законот за работни односи, а од друга, Владата преку усвоените економски мерки ги помага компаниите.

Главната мерка од вториот економски пакет, Спасовски повтори дека е 14.500 денари плата по вработен во април и мај, за компаниите кои се погодени од кризата, а целта е зачувување на работните места.

Тој истакна дека 87 отсто од компаниите се подобни за аплицирање на сите мерки, опфатени се 250.000 работни места и 35.00 компании. Кои компании ќе имаат право и кои не се опфатени, ќе бидат наведени во уредбата која денеска ќе биде објавена во „Службен весник“.

Работодавачите кои ќе аплицираат за оваа мерка, за април и мај, ќе добијат 29.000 денари за вработен, и тие пари треба да ги исплатат за плати. Оваа сума ќе ја добијат ако работникот е со полно работно време, а ако е со скратено, сумата ќе биде сразмерна на бројот на работни часови.

Барањата електронски ќе се упатуваат до УЈП, која е должна да ги утврди формата и содржината на обрасците. УЈП ќе ја извести Владата за компаниите на кои им се одобрени средства, и тие ќе се исплаќаат до 13 во месецот, за претходниот месец.

Компаниите кои ќе ги користат овие средства треба да ги задржат вработените до септември, а ако се утврди дека не ги исполнуваат критериумите за користење, парите ќе ги вратат со утврдена камата.

Како алтернативна мерка, на компаниите им се нуди да им се плати 50 проценти од висината на износот на придонеси за задолжително социјално осигурување, пресметан од просечната бруто плата. Компаниите не можат да ги искористат двете мерки, туку да изберат или помош за исплата на плати до 14.500 денари или помош за придонеси.

Детално со уредба ќе биде и објаснета финансиската поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност и кои ќе добиваат по 14.500 денари месечно во април и мај на трансакциска сметка.

На новинарско прашање во однос на реакцијата на стопанските комори за сложеноста на процедурата за добивање на средствата, Спасовски додаде дека не ги разбира реакциите, бидејќи постапката до сега била непозната.

„Пропишаните уредби се објавени денеска во „Службен весник“.Не знам на што е реакцијата. Аплицирањето е лесно и едноставно,“ додаде Спасовски.

Тој потенцираше дека во овој период нема драстична бројка на отпуштени работници, туку флуктуацијата е нормална.

За најпогодените сектори туризам, угостителство и хотелиерство рече дека е обезбедена кредитна линија од Развојна банка со нула отсто камата, а оние кои згрижиле лица кои се во државен карантин, исто така ќе добијат пари од државата.