Потребно е да се инвестира во развој на организациите како Фондацијата „Метаморфозис“ кои во своите медиумски проекти ќе вршат проверка на факти и ќе ги соочуваат новинарските организации и новинарите со потребата од почитување на новинарските кодекси и новинарската етика и ќе ја подигаат медиумската култура на граѓаните за препознавање на кампањите за дезинформација, вели професорот Ѓорѓи Спасов во својата колумна во Независен весник со наслов „Од Марк Твен до Џулијан Асанж“.

Глобалната закана од ширењето дезинформации станува како глобалната закана од глобалниот тероризам или глобалното затоплување и бара глобален одговор, додава тој.

Спасов посочува дека во светски рамки, борбата против дезинформациите се состои од четири мерки кои треба да се применат и во земјава: регулација на информативниот простор и оневозможување на дејствувањето на медиуми со скриен идентитет, потоа создавање алатки за препознавање на дезинформациите на социјалните мрежи, трето, поддршка на организации како Фондацијата Метаморфозис кои вршат проверка на факти и четврто, подигнување на одговорноста за вршењето на новинарската професија.

Објаснувајќи ги подетално мерките Спасов пишува:

„Првата е да се регулира информативниот простор во земјава, во соработка со учесниците во него за да се оневозможи т.н. „сива економија“ во областа на информирањето, преку оневозможувањето да дејствуваат медиуми со скриен идентитет, со скриени извори за нивно финансирање и со статус кој не подлежи на каква било одговорност, а кои со своите кампањи за дезинформирање на јавноста можат да нанесуваат неказнето штета на домашната, но и на јавноста во други земји.
Втората мерка е создавање нови алатки кои ќе им овозможат на корисниците на социјалните мрежи да ги препознаваат навреме лажните вести кои им се пласираат од разни домашни и надворешни извори, да ги алармираат надлежните тела за медиумите во земјата, и администраторите на „Фејсбук“, „Твитер“ или „Инстаграм“ и тие портали и извори навреме да бидат означувани како лажни, па и отстранувани.
Трета мерка е да се инвестира во развој на институции и граѓански организации кои, како организацијата „Метаморфозис“ кај нас, ќе ги анализираат објавените текстови и анализи со методот „проверка на изнесените факти“ и ќе ги соочуваат новинарските организации и новинарите со потребата од почитување на новинарските кодекси и новинарската етика, а истовремено ќе ја подигаат медиумската култура на граѓаните за препознавање и ненаседнување на лажните вести и кампањите за дезинформација.
И четврто, да се подигне одговорноста за вршењето на една таква важна професија каква што е информирањето на јавноста и да не се дозволи ниту во еден случај поседувањето медиуми или имањето пристап до медиуми за водење на дезинформативни и клеветнички кампањи да стане извор на исплатлив криминал. Тоа секако подразбира преиспитување на казнената политика во таа област и усогласување на нормите за владеење на правото и во таа област со законодавството и со практиката на демократските земји во светот“.

Тој смета дека битката против глобалното загадување на јавниот медиумски простор е само уште една битка за заштита на човековите права и за владеење на правото. Понатаму ги набројува дел од примерите на земји кои веќе преземале некаква активност во борбата против дезинформациите.

„Во Германија пред последните парламентарни избори веќе беше донесен закон со кој се предвидува казна во висина од 50 милиони евра за „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“, ако само во рок од 24 часа не отстранат содржина која е посочена од надлежна институција во Германија како лажна вест, како навредлива или со која се шири омраза.
Во многу други земји се заострува законодавството во однос на ширењето лажни вести. А во Русија, која беше оправдано или не обвинета за ширење лажни вести за време на кампањата на Доналд Трамп, но и за обид преку лажни вести да влијае врз исходот од референдумот во Велика Британија, донесен е закон кој предвидува казни до 1,5 милиони рубљи (22.750 долари) за ширење на лажни вести во Русија.
Некои новинари и новинарски асоцијации со право стравуваат дека оваа глобална битка против лажните вести, преку воведувањето нови мерки за безбедност, во некои земји може да доведе до нови ограничувања на слободата на печатот, но смислата на оваа дебата за мерките е токму во тоа да се спречи глобалната закана од дезинформации и да се дојде до нов и поправеден баланс меѓу слободата и одговорноста во користењето на средствата и алатките за масовна комуникација, масовно убедување и масовна измама, како што ги нарекуваат во последно време, од страна не само на новинарите туку и од страна на власта, корпорациите, тајните служби и многубројните ПР-агенции“.

Ѓорѓи Спасов е поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на Социјал-демократскиот сојуз, министер за правда и амбасадор во повеќе земји, меѓу кои Бугарија, Молдавија, Велика Британија и Ирска. Тој е доктор по политички науки.

Новинската агенција „Мета.мк“ неодамна објави анализа во која е посочено дека Македонија е првата земја во регионот во која власта отвора институционален фронт со дезинформациите. Медиумски експерти и новинари од Србија, Грција, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Косово, во серија интервјуа за „Мета.мк“ во текот на изминатиот период, велат дека кај властите во нивните земји не се забележува заинтересираност за отпочнување или вклучување во борбата со лажните вести.

Во рамките на „Метаморфозис“ работат медиумите „Мета.мк“, „Порталб.мк“ и „Вистиномер.мк“ кои редовно објавуваат содржини поврзани со дезинформациите и проверката на фактите.