Италијанската крајбрежна стража вчера спасила околу 1.400 мигранти во близина на брегот на Либија, кои со гумени чамци и со два помали брода се обиделе да стигнат до европското копно.
Како што соопшти крајбрежната стража, таквата пловидба е опасна во текот на летото, а уште поопасна на студено време, кога морето е немирно и ризикот од хипотермија е поголем.
Мигрантите се спасени на бродови на италијански и на ирски хуманитарни организации.
Италијанските власти соопштија дека годинава во земјата пристигнале рекорден број мигранти и оти преку море пристигнале повеќе од 171.000 лица, што е за околу 1.000 повеќе во споредба со претходните две години, кога беше забележан претходниот рекорд.
Мигрантите во Италија најчесто пристигаат со намера да продолжат кон север, односно кон Германија и кон Шведска.