Советувалиштето ЕХО од Штип успешно обезбедува помош на жртвите на насилство во целиот источен регион

Фото: ХЕРА

Специјализираното советувалиште за жртви на родово засновано и семејно насилство ЕХО – Штип веќе 9 месеци е пример за обезбедувањето квалитетни, доверливи и бесплатни услуги за најзасегнатите од насилство.

Денес во посета на организацијата беше министерката за труд и социјална политика м-р Јованка Тренчевска, претставници на канцеларијата на UN Women во Скопје и претставници од ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување.

„Изминатите 9 месеци над 170 жени и девојки жртви на насилство се обратиле за бесплатна психолошка поддршка и правна помош ЕХО – Штип што повеќе од 20 години работи на обезбедување поддршка на жени и девојки жртви на родово засновано и семејно насилство, а од ноември минатата година успешно раководи и со специјализирано советувалиште“, велат од ХЕРА.

Бесплатните услуги на ЕХО освен во Штип се достапни за луѓето од целиот источен регион.

„Заложбата на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, особено по ратификацијата на Истанбулската конвенција и донесувањето на Законот за спречување и заштита врз жените и семејното насилство, е проширување на ваквите сервиси за жртвите на насилство во сите плански региони, но од големо значење е и воспоставувањето на сервиси кои ќе работат со сторителите на семејно насилство, затоа што семејното насилство е комплексен проблем“, истакна министерката Тренчевска при денешната посета.

„ХЕРА посветено работи на развивање на капацитетите на локалните даватели на услуги, за нудење услуги и поддршка на жените и децата што преживеале насилство. Меѓу нив се и жени и девојки со попреченост, како и жени и девојки од рурални средини кои најверојатно не би можеле да добијат помош доколку таа не е локално достапна“, нагласи Елизабета Божиноска, програмска директорка на ХЕРА.

Бети Пејева, претставничка од ЕХО посочи дека постои потреба од овие услуги, поради што  е исклучително важно да се обезбеди нивната одржливост.

„Нашите услуги ги користат не само жени од Штип, туку и од околните места во регионот. Работиме и со лица со попреченост, при што спроведуваме посебен протокол за работа, како и со лица од локалните малцински заедници“, забележи Пејева од ЕХО.

Бесплатните специјализирани услуги се овозможени преку проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи“. Притоа, особено е значајно општината и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат континуитет во давањето на овие услуги и по завршувањето на проектот.