Фото: Арбнора Мемети

На денешната седница на Советот за реформи во правосудството со која
претседаваше министерот за правда Бојан Маричиќ, беше претставен и
потврден Интерниот план на Судскиот совет за следење и оценување на
работата на судовите, судиите и претседателите на судовите за 2021 година, информираат од Министерството за правда.

Дополнително биле потврдени и двете веќе усвоени методологии, од кои едната за оценување на работата на судија врз основа на исполнетост на квалитативните критериуми за судиско работење, а другата за квалитативно оценување на претседателите на судовите.

„Овие документи ќе бидат своевиден патоказ за тоа на кој начин следната
година ќе се направи проверка на работата на судството“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Дополнително, на Советот беа одобрени идните активности за оценување на
работата на јавните обвинители, преку утврдените критериуми содржани во
Правилникот за оценување на работата на јавните обвинители, донесен од
Јавниот обвинител на Северна Македонија.

Инаку, премиерот Зоран Заев пред неколку дена најави дека наредната година приоритет број 1 во земјава ќе биде прочистувањето на правосудството, односно завршувањето на длабоките и суштински реформи во правосудството во рамките на „Акција 21 – за европски стандарди дома“.