fbpx

Советот за етика во медиумите бара итно ослободување на Кежаровски

-

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска ја осуди пресудата на Апелацискиот суд за новинарот Томислав Кежаровски и неговото експресно префрлање од домашен притвор во затворот „Скопје“.

„Сметаме дека со ваквата одлука се испраќа порака за самоцензура до сите новинари во земјава. Етичките принципи на новинарството можат да се бранат и да се одржуваат единствено кога на новинарите им е гарантирана слободата на информирање. Покажувањето моќ, како во случајот со Кежаровски, придонесува кон уривање на демократијата во Македонија. Советот за етика во медиумите на Македонија повикува на итно ослободување на новинарот Кежаровски од затвор и укинување на судската одлука“, реагираат од СЕММ.

Основниот суд Скопје 1 во четвртокот ја соопшти одлуката на Апелацискиот суд, со која Кежаровски е осуден на две години затворска казна во случајот „Ликвидација“, во кој беше обвинет дека открил идентитет на заштитен сведок.

Одлуката предзвика жестока реакција меѓу новинарите и новинарските здруженија, која се интензивира по експресното спроведување на Кежаровски од домашен притвор во затворот во Шуто Оризари, каде тој е пренесен во петокот вечерта.

Со осудувачки и со критички реакции се огласија и интернациналните организации и здруженија на новинари, а случувањата околу затворањето на Кежаровски предизвикаа осуда и од балканските и од светските медиуми.

На сопругата на Кежаровски синоќа не ѝ било дозволено да го посети во затворот „Скопје“, со образложение дека изминале само 24 часа од неговот донесување во затворот и посета не е дозволена.

Филип Медарски, адвокат на Кежаровски, изјави дека новинарот е однесен во затвор без да се почитува процедурата.

– Пресудата не беше доставена ниту до мене, ниту до Кежаровски. За да се исполнат условите за тој да биде однесен на издржување на затворската казна, треба да се испочитуваат некои процедури. Тие процедури траат најмалку две до три недели. Од ова сите сме затечени, но во македонските судови не очекувам правдата да ја види светлината на денот. Сепак, Судот за човекови права во Стразбур сигурно ќе потврди дека на Кежаровски му се нарушени човековите права – изјави Медарски за „Мета“.

Медарски, во изјава за телевизијата „Телма“, најави дека ќе побара од судот да го примени институтот условен отпуст, со оглед на тоа што Кежаровски веќе отслужил речиси 90 отсто од казната.

Од Основниот суд Скопје 1, преку соопштение објавено на веб-страницата, наведуваат дека во случајот постапуваат во согласност со Законот за кривична постапка и ги отфрлаат „неоснованите притисоци кои се вршат врз судовите и целиот судски систем во континуитет во изминатот период.“

„Во конкретниов случај, на обвинетиот Томислав Кежаровски му е определена мерка куќен притвор поради опасност од бегство, која е потврдена од Апелацискиот суд, по донесување на првостепената пресуда, што значи притворот е определен за да се обезбеди истиот за времетраење на жалбената постапка и во случај на потврдувањето на одлуката, да не се осуети издржувањето на казната. Во спротивно, доколку судот сметал дека не постојат основи за лицето да биде задржано во притвор и истото се бранело од слобода, по правосилност на пресудата постапката би се спроведувала во согласност со Законот за извршување санкции, при што осудениот би имал можност да ги користи сите законски средства откако ќе му биде доставен упатен акт да бара одложување од лични, семејни или здравствени причини. Но, секако, по престанокот на овие причини, казната би била извршена, со што повторно ги отфрламе сите шпекулации искажани во текот на изминатите денови“, стои во соопштениот на Основниот суд Скопје 1.

Во вторник, во 12 часот, новинарите и новинарските здруженија закажаа протест пред судот, на кој ќе се бара итно ослободување на новинарот Томислав Кежаровски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...