fbpx

Советот на ССМ го смени Митревски и на негово место избра в.д. претседател

-

Живко Митревски повеќе не е претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), а за вршител на должноста синдикален лидер е избран Дарко Димовски, соопшти денеска ССМ.

Митревски, како што појаснуваат од ССМ, бил разрешен од функцијата на седница на советот, која била одржана пред точно десет дена, односно на 13 ноември.

Според соопштението од ССМ, на кое стои потписот на новиот в.д. претседател, Димовски, кој досега ја извршуваше функцијата секретар на советот, е наведено дека на седницата пред десет дена, било констатирано дека Митревски подолг период одржува седници на претседателството и на Советот на ССМ без потребен кворум, носи одлуки спротивни на статутот и на штета на поголемиот дел од гранковите синдикати и издава имот во зградата на ССМ без одлука на органите и на телата на синдикатот.

„Исто така, беше констатирано дека со своето дејствување, ги подели гранковите синдикати здружени во ССМ, ги раскара и тие немаат комуникација меѓу себе. Живко Митревски, беше речено на седницата, веќе не се гледа како фактор кој може да биде на чело на синдикалното движење во Република Македонија. Со оглед на тоа што Живко Митревски подолг период како претседател на ССМ и на советот дејствуваше спротивно на статутот и на програмата на ССМ и дејствуваше од партиски позиции, беше донесена едногласна одлука за негово отповикување. Со оглед на тоа што статутот на ССМ налага во ваква ситуација советот да избере в.д. претседател на ССМ, советот едногласно одлучи вршител на должноста претседател да биде Дарко Димовски“, стои во соопштението од ССМ.

Сојузот на синдикатите ваквата одлука ја доставил до Министерството за труд и социјална политика, кое, пак, донело одлука Димовски да биде запишан во Централниот регистар како одговорно лице во синдикатот, а решението било доставено на 14 ноември.

„Централниот регистер, непочитувајќи ги законските одредби сè уште ја нема извршено промената, со што му нанесува штета на севкупното членство на гранковите синдикати на ССМ“, велат од ССМ, од каде најавуваат прес-конференција на која ќе ги изнесат сите документи „како доказ за статутарната одлука за отповикувањето на Живко Митревски“.

Митревски вчера соопшти дека поднел кривична пријава против министерката за труд и социјална политика од СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски, и против пет други лица за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека врз основа на фалсификуван документ за донесена одлука од наводно одржана седница на советот на ССМ, Ременски донела решение за негова смена од претседателското место.

Ременски кривичната пријава ја оцени како основно непознавање на синдикалните акти и случај кој само зборува за „очајниот обид за партиска мобилизација на сите одговорни лица, од кои во иднина ќе се побара одговорност за финансиското работење, начинот на застапување на правата на работниците во Република Македонија и за целокупното партизирање и уривање на концептот на синдикално организирање“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...