Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, како копретседавач на Мешовитиот управувачки комитет помеѓу нашата земја и СР Германија, денеска е во еднодневна посета во Берлин.

Според Анѓушев, Германија е земјата во која што најмногу може да се научи за економијата и индустријата и токму поради тоа е формиран Мешовитиот управувачки комитет помеѓу двете влади.

„Денес имавме работна средба на која договоривме многу работи пред се’, договоривме кога ќе дојде советникот од германската влада во Република Македонија. Тоа ќе се случи кон крајот на февруари годинава, а се работи за искусен професионалец од Германија кој се надеваме ќе даде голем придонес кон нашите структурни реформи и едукацијата на нашата администрација во полето на пристап кон фондовите од ЕУ кои Македонија ќе има право да ги користи во следниов период. На тој начин, сметам дека ќе стекнеме квалификации за тоа како подобро да ги искористиме европските фондови во интерес на нашите граѓани за реализација на инфраструктурни проекти, како и за сите останати делови од економијата“, рече Анѓушев.

Со Германија лани остваривме нов рекорд во трговската размена што изнесува околу четири милијарди евра.

„Што се однесува до реалните проекти, со помош на Мешовитиот управувачки комитет и финансиските институции во Германија ќе обезбедиме средства, кои што ќе ги договориме во рамки на овој Комитет, за реализација на инфраструктурни проекти на комерцијална основа, а притоа ќе добиеме и одредени грантови преку редовните фондови на Европската унија“, додаде Анѓушев.