fbpx

Совет за етика: Медиумите не смеат да служат како средство за пропаганда

-

Советот за етика во медиумите, набљудувајќи го медиумското известување по најновите превирања на политички план и реакциите на граѓаните, ги потсетува медиумите да не ја злоупотребуваат својата улога и да не служат како платформа за потпалување на ситуацијата и за засилување на тензиите во општеството. Имајќи го предвид фундаменталното право на слобода на медумите, од Советот ги потсетуваат новинарите и уредниците дека медиумските извештаи мора да ја содржат вистината и да не иницираат полемики и дискусии со кои ќе се разгорат тензиите и ќе се влошат односите меѓу граѓаните.

„Медиумите мора да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и на факти и треба да ја применат и својата улога како смирувачи на тензиите во општеството, а особено во случаи кога се изнесуваат процени за можна ескалација на случувањата. Тие треба да ги објаснат фактите, учесниците во случувањата, различните позиции и прашања, како и внимателно и аналитички да ги истражат настаните. Не е новинарски да се развиваат и да се градат дебати врз основа на лаги и на невистини, со што граѓаните би се довеле во заблуда. Пренесувањето и давањето простор на шпекулации се изедначува со ширење невистини и со пропагандизам, наспроти урамнотежено и професионално информирање. На јавноста треба да ѝ се понуди вистинската слика и да ѝ се претстават објективните потреби и загриженост, а особено имајќи предвид дека граѓаните кои не биле дел од одредени случувања својата информираност ја потпираат токму на медиумите“, се вели во соопштението од Советот на етика во медиумите.

Медиумите, а особено интернет-порталите, стои во реакцијата, не смеат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за пропаганда и за повици за обединување на поединци и на групи за радикално однесување и за постапки што го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.

„Поддржувајќи го и правото на граѓанските активисти да послужат како извори на информации за случувањата, ги потсетуваме медиумите на нивната улога особено да внимаваат на веродостојноста на изворот на информациите, задолжително да користат повеќе извори на информации, да известуваат со кредибилитет, објективно и урамнотежено да ги претстават случувањата во нивниот вистински контекст. Нивото на професионално однесување не смее да се симнува и да се дозволат лаги, полувистини и еднострани информации, кои на граѓаните би им се сервирале како проверени и вистинити вести. Во овој контекст, ги потсетуваме медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и според принципите на неодамна потпишаната повелба на Советот за етичко известување на медиумите“, стои во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...