Дури 87 отсто од одлуките на Жалбената комисија на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во 2016 година се однесувале на прекршување на првиот и најважен член од Кодексот на новинарите на Македонија – проверка на вистинитоста на веста, односно на фактите. Тоа зборува дека голем број новинари како никогаш да не ја научиле основната лекција, односно дека треба да објавуваат точни и проверени информации, да обезбедат „втора страна“ и што е можно повеќе или најмалку два меѓусебно неповрзани извори.

Ова се наведува во извештајот за работата на Комисијата за жалби на СЕММ за 2016 година, кој беше презентиран на денешното редовно годишно собрание на ова самрегулаторно тело, формирано во 2014 година.

Комисијата за жалби во 2016 година донела вкупно 85 одлуки врз основа на примени жалби, од кои за девет е одлучено дека се неосновани, а кај другите е утврдено некакво прекршување на Кодексот на новинарите. Во 76 одлуки, каде е констатирано прекршување на професионалноста и на етиката, најчест нарушуван е членот 1 од Кодексот, кој се однесува на објавување точни и проверени информации, обезбедување „втора страна“ и што е можно повеќе или најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Овој член е нарушен 66 пати или тоа прекршување е утврдено во 86,8 проценти од одлуките, се вели во извештајот.

На второ место на списокот „новинарски гревови“ во 2016 година е прекршувањето на членот 13 од Кодексот, кој вели дека новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Овој член е нарушен во 54 случаи и има удел од 71,1 процент во жалбите.

Потоа следуваат прекршувањата на членот 14, според кој известувањето од политичките процеси, особено од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано и со професионална дистанца од политичките субјекти. Тој член бил нарушен 26 пати, а по него по број на прекршување следува членот 4, според кој новинарот треба да го назначи изворот на информацијата, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го зашити. Такви случаи имало 23 во минатата година.

Интересно е што изминатата година се намалиле претставките за говор на омраза во однос на годините претходно и сега случаите во кои новинарот свесно создавал информации што ги загрозуваат човековите права и слободи или говорел со јазикот на омразата или поттикнувал насилство или дискриминација се на четврто место, односно вакви прекршувања имало 17 пати.

Следува, со 14 случаи, прекршувањето на членот 16, во кој се вели дека новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ја поттикнува заемната солидарност и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучително и свои колеги.

Според тоа за какви медиуми се поднесени претставките, лидери се порталите. Потоа доаѓаат националните телевизии и на крај се весниците.

СЕММ почна со активна работа во јануари 2015 година. Основан е од 39 медиуми и новинарски органиизации, а на денешното собрание беше донесена одлука за прием на десетина нови.