Слободата на изразување, вклучувајќи го и слободниот и навремен проток на информации, е клучен фактор за способноста на медиумите да известуваат за прашања поврзани со пандемијата со Ковид-19, се наведува во Упатството на Советот на Европа до владите ширум Европа за почитување на демократијата, владеењето на правото и човековите права во рамки на санитарната криза поврзана со Ковид-19, испратено од Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје.

„Медиумите и професионалните новинари, особено јавните радиодифузери, имаат клучна улога и посебна одговорност за обезбедување навремени, точни и сигурни информации до јавноста, но и за спречување паника и зајакнување на соработката помеѓу луѓето. Тие треба да се придржуваат кон највисоките професионални и етички стандарди за одговорно новинарство“, се наведува во овој документ преведен на македонски јазик во рамки на проектот Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија – JUFREX 2.

Во Упатството на Советот на Европа се укажува дека исклучителните околности можат да ги наведат одговорните новинари да се воздржат од објавување владини информации наменети за ограничена употреба – како на пример, информации за идни мерки за спроведување построга политика за изолација.

„Секое ограничување на пристапот до официјални информации мора да биде исклучок и сразмерно со целта за заштита на јавното здравје. Конвенцијата за пристап до официјални документи („Конвенцијата Тромсо“) ја нагласува потребата од транспарентност и предвидува дека, по сопствена иницијатива и кога е соодветно, јавниот орган ќе ги преземе потребните мерки да ги направи јавни службените документи, за да поттикне информирано учество на јавноста во прашања од општ интерес“, се вели во овој документ.

Од Советот на Европа во изготвениот документ велат дека официјалните соопштенија не можат да бидат единствениот информативен канал за пандемијата, бидејќи тоа би довело до цензура и потиснување на легитимна загриженост.

„Новинарите, медиумите, здравствените работници, активистите од граѓанското општество и широката јавност мора да бидат во можност да ги критикуваат властите и да го преиспитуваат нивниот одговор на кризата. Секакви претходни ограничувања на одредени теми, затворање на медиуми или целосно блокирање на пристапот до платформите за интернет комуникација, повикуваат на највнимателна контрола и се оправдани само во крајни околности“, се наведува во Упатството до европските влади.

Пандемијата со Ковид-19 не треба да се користи за замолчување на укажувачите или на политичките противници. Воедно, злонамерното ширење на дезинформации може да биде решено со ex-post санкции и со владини информативни кампањи. Државите треба да работат заедно со интернет платформите и со медиумите за да спречат манипулации со јавното мислење, се укажува во објавениот документ.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.