Советот на Европската унија ги објави заклучоците од извештајот за Македонија. Како што е наведно, Советот се надева дека сите лидери на политички партии во Македонија ќе го почитуваат договорот од 2 јуни, кој Советот го гледа како добар почеток за решавање на политичката криза во државата.
Објавените заклучоци може да ги видите на оваа страница.
- Советот е загрижен за ситуацијата во Македонија, особено за моменталната политичка криза.
- Советот позитивно го оценува трудот на лидерите на политичките партии за да се најде решение за кризата.
- Советот го нотира и значајниот прв чекор во решавањето на кризата, а тоа е договорот од 2 јуни 2015 година. Овој договор ги утврдува обврските на лидерите на најголемите политички партии да се справат со сериозните недостатоци на владеењето на правото и да останат посветени на процесот на пристапување кон Европската унија и на демократските принпципи на државата, вклучувајќи ги и одржувањето добри меѓуетнички односи и целосна имплементација на Охридскиот договор, како и зајакнување на добрососедските односи. Советот смета дека договорот од 2 јуни е добра рамка за тоа каде понатаму треба да се движат преговорите. Советот ги повика политичките партии, во интерес на граѓаните и на државата, да преземат одговорност и итни мерки за одржливо решение и конструктивно да се вклучат во политичкиот дијалог, како и да ги продолжат напорите за да се врати довербата во институциите.
- Советот ги повикува политичките партии да го почитуваат договорот од 2 јуни и да ги имплементираат сите препораки на Комисијата, почнувајќи со итните реформи за владеење на правото, човековите права, судство, слобода на медиумите, избори, корупција, политизација на државните институции. Имплементацијата на овие препораки ќе биде надгледувана од Комисијата. Итна е и реформата во изборниот систем, која е препорачана од ОБСЕ/ОДИХР за да може да се спроведат слободни, фер и демократски избори.
- Советот се надева дека во јулската сесија на Советот ќе добие детални и конкретни предлози за тоа што се планира да се спроведе во идните месеци.
- Република Македонија треба да направи видлив напредок кон исполнување на приоритетите за итни реформи, кои се во согласност со заклучоците од 16 декември 2014 и од 21 април 2015 година.