Soulframe е најновата бесплатна игра во развој од креaторите на Warframe

Скриншот од Soulframe од Digital Extremes

Soulframe е најновата бесплатна MMORPG игра во развој од креaторите на Warframe, која што беше најавена на најновиот Tennocon 2022 од фирмата Digital Extremes. Станува збор за игра со средновековни оружја, во која нагласеноста е на зближување со природата и на акција како во Elden Ring и други “souls” игри. Велат дека играта ќе биде во „Сестрински универзум“ со Warframe.

Како што вели девелоперот Стив Синклер во интервју за Вашингтон Пост, инспирацијата за светот доаѓа од дела како анимето „Принцезата Мононоке“ и филмот „Бескрајна приказна“, со полно референци и сличности.

На пример, самиот јунак од трејлерот за Soulframe личи на “индијанчето” (американец -староседелец) Атреју од „Neverending Story“. Волкот покрај тоа што е сличен со волкот Сиф од Darksouls, во трејлерот е и многу сличен со големите волци од анимето „Принцезата Мононоке“, а лосот што се појавува во сцената на оживување на јунакот потсетува на “јакул” животното коешто е помеѓу елен и козорог (кое го јава главниот јунак Aшитака) и потсетува и на „Шумскиот Дух“ од анимето

Изгледа дека успехот на Elden Ring, која што и понатаму држи прво место како игра на годината, ги инспирирало да прават слична игра. За Еlden Ring можете да видите и наши два претходни написи: првиот и вториот

„Додека во Warframe се пука со пушки и пиштоли во Soulframe ќе има средновековни оружја за од блиску“, парафразирано вели Синклер.

Но, сепак ова не е сосема така, бидејќи и Warframe може да се игра тотално со мечови, секири, камшици, стапови, копја, халебарди и слично – целовремено, не мора да ги користите “пукачките оружја” што ги има во многу варијации и комбинации одошто обично огнено оружје. За повеќе информации за Warframe, можете да видите и наш претходен напис

Играта Soulframe ќе биде “open world” авантура, објаснува креативниот директор Geoff Crookes. 

„Нашиот тим е навистина заинтересиран за идејата на судирот помеѓу човештвото и природата и ќе ги истражуваме ваквите идеи “под наша лупа” додека си играме со идеите за ревитализација и истражување“, вели тој.

Сега за сега, нема премногу информации за самата игра, но еден добар аспект е што ако биде како Warframe, таа ќе биде бесплатна, односно нема да се плаќа за да се купи и нема да има месечни доплати. Веројатно ќе се користи истиот модел од кој ќе заработува играта како Warframe – да се купуваат оружја и скинови со вистински пари.

Се надеваме дека Soulframe ќе биде одлична игра и дека ќе има супер приказна, бидејќи самата најава ветува многу добри новитети, а истовремено и применува најактуелни привлечни обрасци. Soulframe исто така во својата есенција ќе промовира и еколошка свест.