Во јануари годинава скопскиот градоначалник Петре Шилегов и деканот на Шумарски факултет при ПМФ во Скопје, Кирил Сотировски потпишаа меморандум со кој Градот се обврзува да ослободи над 800 дрвја, заробени во бетон и асфалт низ скопските улици, а Факултетот да ја даде потребната стручна помош. Јавноста тогаш дозна дека во Скопје има стотици дрвја, скапоцени „фабрики за кислород“ на кои им се заканува исушување доколку итно не бидат ослободени. Оттогаш, место итна акција, ослободени само неколку десетици дрвја, со образложение дека Градот нема ингеренции за да стори повеќе. „Мета“ деновиве разговараше со деканот Сотировски на темава.

Шест месеци подоцна, како сте задоволен од реализацијата на обврските кои ги превзеде скопскиот градоначалник Шилегов околу ослободување на заробените стебла?

– И јас лично и Шумарскиот факултет како научна институција не сме задоволни од реализацијата на договореното. Со оглед дека се работи за релативно едноставен зафат, можеше многу порано да се реши ослободувањето, посебно кај оние кои ние посебно ги посочивме како критични и кај оние каде интервенцијата би можела лесно да се изведе. Од околу 800 колку се наоѓаат на нашата мапа на заробени дрвја, а таа бројка не е и конечната, засега имаме информација за само околу 40-на кои се ослободени. Само еден човек да беше ангажиран да ослободи едно стебло дневно, што е всушност и премалку, па пак би биле тоа далеку повеќе ослободени дрвја од сегашните. Жално е што кај огромен број на заробени дрвја се работи само за мали, лесни интервенции, кои би им го олесниле и продолжиле животот на бројни вредни примероци на повеќегодишни дрвја, бидејќи честопати е во прашање само непотребно засипување на стеблото со асфалт до самата кора, нешто што може да се реши со неколку потега со алат.

Што мислите за аргументацијата на Шилегов дека Град Скопје нема ингеренции над повеќе од 180 дрвја во градов, а дека Меморандумот се однесува само на 500 дрвја. Дали тоа значи дека заробените дрвја кои не се ниту на градот ниту пак општините ги гледаат- и натаму ќе умираат заробени и заборавени?

– Па, дали Градот му одговара на Меморандумот или на граѓаните? И тогаш кажавме дека бројката од 500 не е конечна и дека тоа се непосредно, животно загрозени дрвја. Вистинската бројка е над 1.000! Како сега стојат работите со реализација на договореното со Град Скопје, навистина голем број на дрвја се осудени на долготрајно измачување, а ако продолжи натегањето околу ингеренциите, им претстои и мачна, но извесна смрт!

Дали проблемот со ингеренциите беше на маса кога го потпишувавте Меморандумот за соработка со Град Скопје?

– Не, воопшто и токму затоа сум многу разочаран. Тогаш ни беше кажано дека Градот ќе работи на ослободување на заробените дрвја, секако со помош на ЈП „Паркови и зеленило“ кои имаат и стручни служби и кои го покриваат целиот град, не само булеварите. Се прашувам дали Градот и општиите така се препукуваат околу надлежност кога е во прашање кои паркинзи се нивни? Тие работи се јасни, нели? Па, еве нека биде принципот- кој собира пари од кој паркинг, тој нека се грижи и за зеленилото кое е најблиску до тој паркинг!

Скопје има многу малку зеленило споредено со европски и светски стандардни но и споредено со Скопје од пред 20,30 и повеќе години…

– Има разни стандарди и препораки за застапеноста на зеленилото во урбаните средини. Најпозната е онаа на СЗО за минимум девет квадратни метри зеленило по жител и оптимални 25, до некои 40-на квадратни метри по глава на жител, во, да речеме Виена. Исто така, не е исто дали се работи за трева или возрасни дрвја кои се поскапоцени за луѓето, од здравствен аспект или пак од аспект на амбиенталната температура. Во Скопје стоиме многу лошо со зеленилото и состојбата е драстично влошена последниве години.

Колку загубата на дрвјата во Скопје влијае на порастот на температурите во градот?

– Влијанието е огромно. Деновиве правам едно истражување на термиката и зеленилото во Скопје и резултатите се споредливи со оние на англиската студија – и до 20 Целзиусови степени разлика помеѓу површина под вегетација и гранитни плочи или асфалт. Токму вчера измерив цели 66 Целзиусови степени на асфалт во град! Значи, асфалтот, како и бетонот се тие кои придонесуваат за несносните горештини, посебно бидејќи тие зрачат долго откако ќе зајде сонцето. Затоа, загубените паркови во Скопје значат загуба во поглед на пречистување на воздухот, на намалување на жештините, во поглед на нивната социјална димензија – тие паркчиња некогаш беа места за дружење на младите но и на постарите сограѓани.

И сметките на граѓаните за струја се веројатно „подебели“ поради тоа што разладните уреди работат повеќе во згради пред кои веќе нема дрвја со крошни…

– Да. За жал, Факултетот нема пари за да се финансираат темелни истражувања, но од оние испитувања на терен кои успеваме да ги направиме, може да се каже дека сметките за струја, од тие причини можат да бидат повисоки и за 10, 20, па и 30 проценти…Тоа зависи од повеќе фактори, како што е староста на објектот, местоположбата, изолацијата и тн. Земете предвид и дека кога некој еркондишн работи, тој внатре лади, но кон надвор грее и придонесува за загревање на надворешниот амбиент. Се на се, исчезнувањето на зеленилото во градот не внесува во еден маѓепсан круг.

Надлежните од Општина Центар велат дека се соочуваат со револт од граѓаните кога доаѓаат да исечат суви или болни дрвја..

– Тој проблем ќе го имаме се повеќе. На толку многу изгубени дрвја, сега освестените граѓани изгледа и на јогурт дуваат. Нашите истражувања на терен покажуваат дека во градот има најмалку педесетина такви дрвја, кои, некои болни или суви и по повеќе години, претставуваат опасност за околината. Урбаното зеленило, по дефиниција многу потешко и покусо живее отколку во природа и тоа е реалност не само во Скопје. Сепак, ние можеме на заробените дрвја да им помогнеме за да поживеат колку што можат подолго, пред се за наше добро.