До утрово во 8:50 часот, вкупно 40.397 лица од дијаспората биле евидентирани во апликацијата за самопопишување на Државниот завод за статистика (ДЗС). Бројот на самопопишани лица на пописот од ден во ден расте, а од ДЗС информираат дека секојдневно го следат процесот и се во постојана комуникација со македонските иселеници.

„Проблемот со ненавременото добивање на повратна порака за влез во апликацијата е надминат и апликацијата беспрекорно функционира. Самопопишувањето за едно лице трае само 10 минути и воопшто не е сложено“, информираат од ДЗС.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека влошената состојба со ковид-19 во земјава засега нема да го одложи одржувањето на пописот закажано за периодот од 1 до 21 април годинава.

На новинарско прашање дали ќе побара одложување на пописот поради актуелната состојба со корона вирусот, Филипче на прес-конференција рече дека во моментов се отфрла ваквата опција.

„Засега не. Сакаме да го ублажиме овој тренд на зголемен прием на пациенти кон болниците“, изјави накратко Филипче.

Тој дополни дека за нови мерки и други препораки во однос на спречување на ширењето на корона вирусот засега не се дадени препораки од Комисијата за заразни болести.