Фото: Архива на Мета.мк

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, истакна дека состојбата со корупцијата е многу сериозна на денешната прес-конференцијата посветена на сработеното во 2019-2020 година.

Таа потенцираше дека и понатаму постојат ризици од корупција што веќе се нотирани во Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси, на кои укажуваат извештаите од меѓународните институции.

Изразено политичко влијание, владеење односно не владеење на правото, отстсуство на казнивост, на интегритет како личен и институционален, не доволна транспарентност, како и недоречености во законската регулатива се ризици за корупција.

„Најмногу се пријавуваат состојби за незаконско вработување, издавање разни дозволи, решенија за градење и слично, концесии, постоење судир на интереси и при донесување судски одлуки. Најгорливиот проблем е во делот на вработување, најголем број пријави повеќе од 30 проценти се однесуваат на процесот на вработување, злоупотреба на дискреционото право на раководното лице.За раководните лица пресуден фактор при избор на кандидатите и интервјуто, не секогаш е успехот и освоените бодови, дотолку повеќе што ниту со закон, ниту со други со подзаконски акти не е уреден начинот на водење интервју преку структурирани прашања и негова еволуација,“ изјави Ивановска.

Сектори што се перцепирани со најголем ризик на корупција, злоупотреба на службена должност и можност за судир на интереси се правосудните органи, извршната власта, институциите кои одлучуваат во сферата на урбанизмот и општините.

Во однос на тековните предмети, ДКСК има отворен предмет за градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов за набавката на противпожарната скала и по него ќе се работи како и со сите предмети. Според Ивановска, неблагодарно е тој сам за себе да поднесува пријава со сомнежи за корупција, бидејќи тоа малку не соодвествува со одредбите во нашиот закон.

ДКСК отворила предмет и за претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, а проширена е и истрагата за Драги Рашковски.

Комисијата е при крај со предметот за набавката на вакцините за ковид-19. Членот на ДКСК, Горан Трпеноски информираше дека Антикорупциска добила од Народна банка документ за извршена исплата на седум милиони и 800 илјади долари за увоз на стока односно Министерството за здравство има исплатено на 15 февруари, а Народна банка го има реализирано во корист на „Стабри Интернешенел“ од Хонг Конг.

„Владата во кородинација со владата на Кина, преку Кинеската амбасада во Македонија, по разговорите одлучила да ги прекине започнатите активности и ги побарала назад уплатените средства, што било реализирано со враќање на средствата. Владата за операционализирање на својата одлука на 16 март го задолжила Министерство за здравство да ги прекине сите активности за реализација по заклучоците од 8. седница односно парите што биле префрлени на „Стабри“ се вратени назад и нема извршено никаква исплата. Владата потоа склучила договор директно со производителот „Синофарм“, изјави Трпеноски.