Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека епидемиолошката состојба со корона вирусот кај нас е стабилна, а тоа го потврдуваат малиот број на новодијагностицирани случаи, малиот број на пациенти кои се јавуваат во болница за прием и малиот број на прегледи.

Во однос на ризикот од новиот индиски сој, во следниот период не планираат никаква рестрикција, ниту дополнителни мерки поради тоа што не гледаат некаков ризик.

„Но, морам да потенцирам будно ја пратиме состојбата не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што, многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот,“ изјави Филипче по одбележувањето на Светскиот ден на крводарителството во организација на Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина.

Филипче вели дека нема доволно испитувања во светот за да се знае, дали лицата кои се вакцинираат имаат ризик да заболат.

„Тоа што досега се знае е дека ризикот да заболат лицата кои се вакцинирани е навистина мал. Но, во исто време и дека вакцината штити од тешка форма на болест од смртност, дури и кај оваа форма на вирусот,“ додаде Филипче.

Засега, вели Филипче, само две држави во светот Велика Британија и Португалија имаат некакви дополнителни рестрикции поради индискиот сој на ковид-19, а сите други одат кон олабавување на мерките.

Во однос на вакцинацијата, Филипче рече дека за недела се планира аплицирање на околу 15.000 вакцини, 4.000 кои ги имаме на располагање и 11.000 кои ќе пристигна денеска.