Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) утрово информираше дека поради снежните наноси денеска, 12.01.2025 година забранет е сообраќајот за тешки товарни возила на следните патни правци:
- КриваПаланка граничен премин Деве Баир
- Гостивар-Маврово-Дебар
- Гостивар-Стража-Кичево
- Пресека
- Плетвар
- ГП Делчево кон Бугарија за возила над 7.5 тона
- Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
- Од 08.50 часот поради заледеност на коловозот на автопатот Пријателство кај с.Миравци, тешките товарни возила ќе се пренасочуваат преку стариот пат Удово – Демир Капија
- Од 09:30 се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Ресен – Битола преку планинскиот превој Ѓавато
Како што потенцираат од АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег по интервенција од страна на екипите на ЈП Македонијапат.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, велат од АМСМ.
Но, додаваат оти од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците:
- Катланово – Велес,
- Маврово – Дебар – Струга,
- Виница – Берово и
- Кочани – Делчево.
Понатаму, патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 15.11.2024 е затворен за сообраќај за сите видови возила.
Исто така, мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај.
Истовремено, се изведуваат градежни активности на автопатот Демир Капија – Смоквица, поточно се реконструира левата тунелска цевка од Тунел 1 што е предвидено да заврши до 23.01.2025 година. До тогаш левата тунелска цевка ќе биде целосно затворена за сообраќај а сообраќајкот е пренасочен во десната тунелска цевка со двонасочно одвивање на сообрќајот.
На магистралниот пат А1 делница Фариш – Прилеп се врши санација на ударните дупки, а поради изградба на патен коридор 10Д, делница Прилеп-Битола, извршено е пренасочување за секаков вид на сообраќај и тоа од клучка Тополчани по Р1101 до депонија Алинци. Временскиот режим ќе трае во временски период од една година.