fbpx

Сопственикот си го оставил болното куче покрај контејнер, АХВ не најде причина за одговорност

Од здружението „Анима Мунди“ бараат Агенцијата за храна и ветеринарство поефикасно да делува во однос на санкционирањето на несовесните сопственици на домашни миленици

-

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја отфрли претставката поднесена од ЈП „Лајка“, во која претпријатието бараше да се санкционира човекот кој пред еден месец покрај контејнерите во населбата Расадник во Кисела Вода, оставил петмесечно куче – малтезер, во неговото креветче.

Болното куче почина кратко време откако беше преземено од ЈП „Лајка“.

Со оглед на тоа што претставници на здруженијата за заштита на животните, а откако случајот се рашири низ социјалните мрежи, имаа информации кој е сопственикот на кучето, беше поднесена претставка до Агенцијата за храна и ветеринарство, со барање тој да одговара за напуштање миленик.

АХВ, како што може да се види од одговорот, ја одбил претставката поради немање доволно докази.

Токму напуштањето на домашните миленици се посочува како најголем проблем во државата за зголемување на бројот на уличните кучиња. Од здружението „Анима Мунди“ реагираат на одлуката на АХВ.

„Кученцето имало завој на предната нога со што е јасен знак дека непосредно пред исфрлањето било терапирано и е утврдено дека со таа симптоматологија е примено куче ден претходно во една приватна ветеринарна амбуланта, каде што се сомневале на болеста парвовироза, од причина што на сопствениците пред неколку месеци им починал уште еден домашен миленик од истата болест. Дента кога кученцето угинува сопствениците по реакциите на социјалните мрежи дошле во ЈП „Лајка“ за да прашаат за состојбата, образложиле дека имале семејни проблеми и лекувањето би им бил финансиски товар па решиле да го фрлат покрај контејнер“, велат од „Анима Мунди“.

Од здружението бараат АХВ поефикасно да делува во однос на санкционирањето на несовесните сопственици на домашни миленици.

„Тие воопшто не се потрудиле да спроведат било каква истрага и да го санкционираат сопственикот на кој практично поради негрижа му умираат две кучиња, од кои едното фрлено да умира покрај контејнер за отпадоци и претставката ја отфрлаат како неоснована. Што е тоа што ќе ве допре доволно, ако не случај на напуштање на миленик на најгрозен начин, како ѓубре во момент кога сопственикот му е најпотребен да му пружи нега и помош? Колку изгубени животи треба да има за конечно да почне да се имплементира Законот за заштита и благосостојба на животните?“, реагираат од „Анима Мунди“.

Директорот на АХВ, Николче Бабовски за Мета.мк изјави дека за случајот ќе се произнесе утре.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...