Адил Бакиу од Скопје е сопственик на домејнот vaksajns.mk, кој беше регистриран во текот на вчерашниот ден, покажуваат податоците на Македонската академска истражувачка мрежа. Сите кои ќе ја отворат оваа интернет адреса се директно пренасочени кон веб-страницата за искажување интерес за вакцина против ковид-19 на Министерството за здравство vakcinacija.mk. Ова го потврди и самиот Бакиу во телефонски разговор со Мета.мк, кој потврди дека го регистрирал сајтот, но не сакаше да даде објаснување за причините поради кои го сторил тоа.
Од Министерството за здравство велат дека официјалната веб страница за пријавување www.vakcinacija.mk не е хакирана, ниту пак некој извршил упад во неа, туку дека паралелно е направена нова веб страница.
Од Министерството утрово го пријавиле случајот во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.
Бакиу на својот Фејсбук профил напиша дека е повикан на разговор во полициската станица Карпош.
„Во 13:30 сум поканет во ПС Карпош на разговор околу доменот vaksajns.mk. Единицата за компјутерски криминал мене брзо ми влезе во трага и брзо ме поканија за обично пренасочување кон сајтот на МЗ“ напиша Бакиу.
Инаку, терминот „ваксајнс“ на социјалните мрежи беше користен за исмевање на премиерот Зоран Заев, односно начинот на кој што тој изговара одредени термини на англиски јазик.
Самата веб страница www.vakcinacija.mk во текот на вчерашниот ден не функционираше правилно или беше целосно недостапна.
Од синоќа до денеска повеќе од 20.000 граѓани преку оваа веб-страница пројавиле интерес за вакцинација против ковид-19.