Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за Охрид денеска ќе реализира едукативен проект, на тема „Како возиме на кружен?“. Во 11 часот, во кафулето „Аквариус“, како што е предвидено, треба да се одржи промоција на едукативен материјал за правилата и прописите при движење на кружните крстосници.
Во 12 часот, пред кружниот тек на булеварот „Туристичка“, кај „Охридска банка, ќе биде поставен сообраќаен пункт каде претставници на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и на сообраќајната полиција, на возачите ќе им поделат ЦД-а со едукативен материјал.
Целта на проектот „Како возиме на кружен?“ е потсетување и запознавање со сообраќајните правила и прописи за безбедно одвивање на сообраќајот на кружни крстосници, подигнување на јавната свест за зголемена безбедност во сообраќајот, почитување на сообраќајните правила и прописи и унапредување на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот.