Членовите на СОНК синоќа на седницата на советот го прифатиле повикот на претседателот на Европскиот синдикат за образование, Мартин Ромер, за продолжување на преговорите помеѓу СОНК и ресорните министерства.

– Советот едногласно повторно ја потврди непоколебливоста во опстојување на генералниот штрајк, сè додека не се дојде до заемно прифатливи решенија по барањата, за кои претходно ќе се изјаснат сите членови на СОНК што ја почитуваат одлуката за штрајк – велат од СОНК.

Според членовите на советот, членството на СОНК е подготовено да продолжи со штрајкот без разлика на притисоците, сè додека Владата не понуди решенија кои ќе бидат прифатливи за да се прекине штрајкот. Тие одлучиле да достават уште едно барање до министерствата за продолжување на преговорите.

– На седницата, од страна на повеќе претседатели на регионални одбори на СОНК, беа изнесени повеќе примери на синдикални организации, кои последните денови се приклучуваат во штрајкот, а регистрирани се и поголем број зачленувања во нашиот Синдикат на вработени кои досега не биле членови на СОНК – се вели во соопштението од СОНК.