Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) обвини дека СДСМ прави повреда на уставно загарантираното право на синдикално организирање и активност, а во исто време со притисоците што ги врши врз СОНК прави кривично дело.

„Вчудоневидува фактот што потпретседател на СДСМ преку прес-конференција, одржана на 23 септември, вршеше невиден напад врз најголемиот синдикат во државата, а на протестот организиран од страна на истата политичка партија, за време на празникот 11 Октомври, група нивни претставници пред седиштето на СОНК, со транспаренти атакуваа врз нашиот синдикат. Вчера претседателот на комисија за образование на општинската организација од Прилеп, со пласирање целосни невистини изврши груб напад врз СОНК“, велат од СОНК.

Советот на СОНК го повика раководство на СДСМ да преземе мерки, да престанат ваквите и целосно да ги тргнат обидите за уривање на угледот на синдикатот.

„Доколку не бидат преземени бараните мерки, веднаш ќе побараме да дојдат претставници од Интернационалата за образование и од Европската конфедерација на синдикатите за образование, чија редовна членка е СОНК, како и од Меѓународната организација за труд, за да бидат запознаени со сите овие случувања. Исто така, СОНК ќе ги информира и амбасадите во Република Македонија, вклучително и Амбасадата на Европската Унија“, додаваат од СОНК.