Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) информира дека не се согласува со предлогот на лидерот на СДСМ, вработените во јавниот сектор и јавна администрација на државно и локално ниво да земат минимална нето-плата од 14.500 денари за месеците април и мај.  

„Предлогот за намалување на платите во јавниот сектор за повеќе од 50 проценти, во нашето членство предизвика големо незадоволство, загриженост, несогласување, немир, страв за сопствената егзистенција, егзистенцијата на сопственото семејство. СОНК смета дека оваа мерка е премногу радикална и дека голем дел од вработените ќе ги доведе до работ на егзистенцијата,“ се вели во соопштението.

Од таму додаваат дека особено реакциите се жестоки од страна на просветните работници, кои, во интерес на учениците, индиректно и на државата, вложуваат надчовечки напори преку алтернативни форми и методи, во домашни услови, да ја реализираат планираната програма.