Сондата Луси денеска успешно беше лансирана во новата 12-годишна мисија во вселената

Денешното лансирање на Луси во вселената; Извор на фотографија: NASA/Bill Ingalls

НАСА денеска успешно ја лансираше истражувачката сонда Луси во вселената. Таа ќе има 12-годишна мисија, во која ќе истражува осум астероиди. Седум од астероидите – Тројанци се дел од орбитата на Јупитер, за кои се смета дека се остатоци од некогашна планетарна формација, информираат од НАСА.

Ракетата Атлас 5 беше лансирана утрово од базата Кејп Канаверал на Флорида, која ќе има задача да ја однесе Луси во вселената.

Истражувачката сонда го доби името според коските на човечкиот предок австралопитекус стар околу 3,2 милиони години, кој бил пронајден во Етиопија пред речиси половина век. Ова откритие пак го добило името Луси според песната на Битлси “Lucy in the Sky with Diamonds”.

Мисијата на НАСА вредна 981 милион долари ќе патува низ вселената, доближувајќи се во октомври 2022 и во 2024 година до Земјината топка, како би добила доволно гравитациски притисок за да може да стигне до орбитите на астероидите.

Користејќи ја енергијата од две огромни соларни крила, Луси ќе ги брка планираните астероиди кон крајот на оваа декада, односно нејзината прва средба со нив ќе ја има во 2027 година. Потоа сондата ќе се врати назад кон Земјината топка за да добие гравитациска моќ во 2031 година, како би можела повторно да се катапултира кон преостанатите астероиди што ќе ги истражува во 2033 година.