Времето претпладнево ќе биде сончево и многу топло, а подоцна во текот на денот и ноќеска се очекува наоблачување, со поројни дождови и грмежи на некои места.

Според УХМР, локално процесите ќе бидат во форма на невреме со појава на град и силен ветер од над 70 километри на час.

Температурата во текот на денот ќе се движи од 32 до 40 Целзиусови степени. УВ индексот ќе изнесува 9.

Во Скопје претпладнево ќе биде сончево и многу топло. Од пладне ќе има зголемена облачност и појава на повремено пороен дожд, грмежи засилен ветер и услови за град. Температурата ќе се искачи до 38 степени.

И утре ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи, претежно попладне, а дневните температури ќе бидат за пет до осум степени пониски. Посвежо ќе биде и в петок, а за викендот температурите ќе забележат постепен пораст.