Сонцето и ветерот лани обезбедиле 10 проценти од вкупната електрична енергија во светот

фото: @danielmorris на Unsplash

Ветерот и сончевата енергија минатата година за првпат генерирале 10 проценти од глобалната електрична енергија, покажува новото истражување на тинк-тенк организацијата „Ембер“, а пренесува „Би-би-си“.

Во анализата се наведува дека сега педесет земји добиваат повеќе од една десетина од својата електрична енергија токму од ветерот и од сонцето.

Како што економиите во светот почнаа да закрепнуваат од ковид-пандемијата во 2021 година, побарувачката за енергија се зголемила со рекордно темпо. Ова довело и до пораст на енергијата од јаглен, која се зголемила со најбрза стапка од 1985 година досега.

Сонцето, ветерот и другите чисти извори создале 38 отсто од светската електрична енергија минатата година. Уделот што доаѓа од ветерот и сонцето, кој изнесува 10 отсто во вкупната енергија, е двојно зголемен од 2015 година кога беше потпишан Парискиот договор за климата.

Најбрзото „префлање“ на ветерна и сончева енергија се случило во Холандија, Австралија и Виетнам. Во последниве две години, овие три земји задоволиле една десетина од нивната побарувачка за струја преку преминување од фосилни горива кон зелени извори на енергија.

Во Виетнам, за само една година производството на соларна енергија се зголемило за над 300 проценти.

Сепак, и енергијата од јаглен забележала значителен пораст во 2021 година. Голем дел од зголемената побарувачка за електрична енергија минатата година била задоволена со фосилни горива, при што производството на енергијата од јаглен се зголемило за 9 отсто. Најголем дел од зголемената употреба на јаглен била забележана во азиските земји, вклучувајќи ги Кина и Индија.

Дејв Џонс од организацијата „Ембер“ ги нарече поскапувањата на гасот и јагленот „двојна причина за електроенергетските системи да бараат повеќе чиста електрична енергија, бидејќи економијата се промени фундаментално“.

Истражувачите велат дека и покрај „оживувањето“ на јагленот во 2021 година, големите економии како САД, Велика Британија, Германија и Канада имаат за цел да ги префлрат своите мрежи на 100 отсто електрична енергија без јаглерод во следните 15 години, поради загриженоста за одржување на порастот на температурата во светот под 1,5 степени целзиусови до крајот на овој век.

За да се постигне тоа, научниците велат дека користењето на енергијата од ветерот и сонцето треба да расте за околу 20 проценти секоја година до крајот на 2030 година.