Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Најчестите дезинформации во последнава седмица во медиумите на Балканот се поврзани со мигрантите .

Интересен е случајот со една дезинформација која почна на почетокот на месецот, со фрлање солзавец меѓу мигрантите на брегот на реката Еврос (Марица) по што на социјалните мрежи и на некои портали се појавија видео од мигранти како децата надразнети ги носат на раце и ги ставаат над запален оган, поради верување дека тоа ќе помогне да се сузбијат последиците од солзавецот. Тие видеа набргу се појавија на многу профили со сосема други тврдења – дека мигрантите намерно ги дразнат децата со чадот за да плачат и врескаат и да се создаде драматична слика во светската јавност за нивната ситуација.

Ваквите дезинформации во грчките и во еден хрватски портал ги демаскираа грчкиот сервис за борба против дезинформациите Ellinika Hoaxes и хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите Faktograf.

Ellinika Hoaxes прикажувајќи го видеото кое се користи во дезинформирањето, раскажува дека се првин почнува како информација за фрлањето на солзавецот, за набргу потоа видеото да почне да се злоупотребува како доказ дека мигрантите намерно ги расплакуваат децата за да предизвикаат сожалување во светот.

Ваквата дезинформација била пласирана не само од некои портали, туку и од една грчка телевизија.

Потоа презентирајќи повеќе фотографии, од кои има и такви на кои се гледаат солзавецот, грчкиот сервис за борба против дезинформациите покажува дека видеото е направено крај Марица и објаснува дека децата се ставаат над оган поради широкораспространетиот мит дека чадот е своевиден противотров за солзавецот.

Дополнително, се презентира уште едно видео на кое се гледа и како возрасни на кои дејствува солзавецот вдишуваат чад од запалени гранки, како и ситуации од островот Лезбос, кога на луѓето што се под дејство на солзавец им даваат цигари.

Но верувањето дека чадот помага да се неутрализира солзавецот е мит, а не вистина, вели Ellinika Hoaxes.

Истата дезинформација, пласирана на хрватски сајт ја демаскира и хрватскиот Faktograf. Тој го анализира текстот на веб-сајтот на Роберт Валдец, поранешен телевизиски новинар – водител на емисиjата Istraga на хрватската телевизија „Нова“, која беше критикувана поради ширење меѓунационална омраза. Валдец, дури и го надминува наративот од примерите во Грција, односно не само што вели дека мигрантите ги ставаат децата на чад за да ги расплакуваат, туку и вели дека ваквите примери ќе бидат злоупотребувани од мејнстрим медиумите и од граѓанските организации „Бидејќи веќе се подготвени за тоа. Невладините организации и мејнстрим медиумите пак ќе ги заплиснуваат читателите со потресни фотографии и приказни“, тврди Валдец.

Faktograf, изнесувајќи ги горе-долу идентично аргументите на Ellinika Hoaxes за ситуацијата со мигрантите кај кампот крај Марица, анализира и други „примери“ што Валдец ги изнесува во својот текст за да докаже дека се подготвува нов бран лажни вести за наводни малтретирања, односно фотографии од 2015 во Унгарија. Тој објавил фотографија на фотографот на „Ројтерс“ Ласло Балог, наградена со со Пулицерова награда, а покажува маж како лежи на пруга заедно со жената и детето, додека над нив се унгарски полицајци. На веб-сајтот на Ројтер фотографијата е со следната легенда: „Унгарски полицајци стојат покрај семејство мигранти кои сакале да побегнат од железничката станица во градот Бичке, Унгарија“, а носи датум 3 септември 2015 година.

Но во спорниот текст, кој Faktograf го оценува како невистинит и дезинформирачки, хрватскиот новинар Валдец вели дека мажот сам ги фрлил жената и детето на пругата, илустрирајќи го тоа со видео од „Еуроњуз“, на кое се гледа како мигрантот тоа го прави, а потоа со своето тело застанува помеѓу нив и полицајците, а сето тоа го користи како „доказ“ за да критикува како нереален прилог на Би-би-си, во кој се користи фотографијата и се тврди дека унгарската полиција користи сила против мигрантите. Валдец тврди дека е тоа нереална слика, бидејќи се игнорира важен дел од контекстот – односно фактот дека мажот сам ги фрлил жената и детето.

Но и неговото тврдење не го претставува случувањето во потполн контекст, односно не наведува дека на употребата на сила од страна на унгарската полиција претходела расправија на мигрантите со полицијата, во која семејството ги молело да ги не враќаат во претрпаниот бегалски камп, туку да им дозволат да го продолжат патување кон Германија, пишува Faktograf.