„Солидарноста е темел на иднината“ – нов мурал во Ченто

Мурал „Солидарноста темел на иднината“ Автор: Владимир Милиќ / Фото: Кристијан Караџоски

Со изработка на мурал на фасадата на Домот на култура во населбата Ченто во Скопје продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У). Автор на муралот „Солидарноста е темел на иднината“ е младиот уметник Владимир Милиќ, и е во продукција на ФР~У во партнерство со организацијата Културно Ехо, Општина Гази Баба и Град Скопје.

„Иницијативата за овој мурал се однесува на две линии на значења: едното е обновување и повторно ставање во функција на бетонскиот културен дом во Ченто и со тоа реобмислување на модернистичкото незаштитено културно наследство на Скопје, а вториот е потенцирањето на важноста на солидарноста на заедницата за време на поплавите на подрачје на општина Гази Баба кои се случија пред четири години“ велат од тимот на АКТО.

Оттаму појаснуваат дека идејата за муралот е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на домот на култура во населбата. Муралот пак кој е развиен како неколкумесечен процес на работа на уметникот Владимир Милиќ од Ченто со пошироката локална заедница се однесува на потенцирање на важноста на солидарноста особено во овој дел од населбата.

„Да не се заборави поплавата која ја зафати нашата општина, елементарна непогода која не бираше нација, вера и политичка определба, а токму во тие моменти се покажа колку можеме да бидеме солидарни и да си помогнеме едни со други. Општина Гази Баба е мултиетничка средина, место каде што сите ние делуваме секојдневно и затоа мораме да ги почитуваме различностите и да си помагаме еден со друг“ велат од општина Гази баба.

Муралот е дел од серијата на мурали кои деновиве се изработуваат во уште пет други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани и Гевгелија, а веќе се заврши муралот во Битола кој за жал беше нагрден со пораки на говор на омраза само неколку часа подоцна.

Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори, како што велат од АКТО, има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци, туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество кои исто така се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фокусираме во време на пандемијата со корона вирусот.

„Во општество каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е сè уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сè уште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните“ додаваат од АКТО.